Митрополитот Агатангел се оградува од соопштението на Синодот на МПЦ-ОА

Митрополитот Повардарски г. Агатангел во пишана реакција наведува дека се оградува од соопштението на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија по повод одлуката и решението на Светиот синод на Бугарската православна црква.

„Изненаден сум од веста дека постои соопштение на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА, бидејќи Синодот на МПЦ – ОА не заседавал по ова прашање. Јас како еден од владиците не сум запознат за тоа кој ја соопшти оваа вест дека нашиот Синод и благодари на БПЦ за нивната одлука и решение дека тие ќе формирале комисија за преговори со другите помесни православни цркви за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА“, стои во реакцијата на митрополитот Агатангел.

Според него, фомирањето комисија може да го одложува до недоглед решавањето на нашиот црковен статус.

„По нашето писмо кое го доставивме до БПЦ, а кое не беше едногласно прифатено од Светиот Синод на МПЦ-ОА како краен резултат еве денес што добивме како решение. БПЦ сега се претставува и прифаќа да биде мајка – црква, без притоа да има било каква обврска кон нашиот автокефален статус, што е уште една навреда кон МПЦ-ОА, кон македонскиот народ, кон македонската нација“, стои во пишаната реакција од митрополитот Агатангел.