Министерот Спасовски на средба со Џафери, Вељаноски и Димитриев

Итните реформски приоритети и препораките на експертската група предводена од Рајнхард Прибе ќе бидат денеска тема на дискусија во законодавниот дом, а на иницијатива на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. За оваа цел е предвидена средба на Спасовски со претседателот на парламентот Талат Џафери, како и со координаторите на пратеничките групи, како и со претседателите и членовите на двете надзорни тела: Комисијата за надзор над Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање и Комисија за надзор над спроведувањето на посебна истражна мерка за следење на комуникациите од страна на МВР, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Министерството за одбрана и Комисијата за одбрана и безбедност
За работата на двете надзорни комисии, кои треба да обезбедат парламентарна контрола врз безбедносните служби и прислушувањето има крупни забелешки во Извештајот на Прибе, во однос на нивното (не)функционирање во претходните состави на законодавниот дом. Според собранискиот Деловник, со надзорните комисии претседаваат пратеници од опозицијата, така што сега, првпат по повеќе години, на чело на овие две тела се пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и тоа поранешниот претседател на парламентот Трајко Вељаноски и поранешниот премиер Емил Димитриев.