Меј: Брегзитот значи и дека Велика Британија повторно ги контролира своите закони

Нацрт договорот за излез од ЕУ нѐдоведува значително поблиску до она за што гласаа Британците кога одлучија да ја напуштат Унијата, изјави денеска британската премиерка Тереза Меј.

Таа пред пратениците рече дека договорот значи дека Британија „повторно ќе преземе контрола“ над своите закони и граници „додека во исто време ги штити работните места, безбедноста и интегритетот на Обединетото Кралство“.

Кабинетот на Меј, кој е поделен во врска со прашањето на договорот, треба денеска подоцна да се состане за да одлучи дали да го поддржи. Политичарите кои го поддржуваат Брегзит веќе го критикуваа нацрт договорот истакнувајќи дека тој ќе ја обврзе Британија на прописите на ЕУ долго време откако ќе ја напушти Унијата во март.

Меј рече дека Владата ќе одлучи што да направи „во национален интерес“.

Велика Британија и ЕУ се согласија околу нацрт текстот на договорот за излез на Британија од Унијата.

На министрите документот ќе им биде даден пред седницата, за да го прочитаат, стои во соопштение на кабинетот на британската премиерка Тереза Меј.

Претходно, британски и ирски медиуми јавија дека британските и европските преговарачи постигнале договор за Брегзит во врска со основното спорно прашање – ирската граница.

Како што јави ирската државна телевизија РТЕ, двете страни се согласиле границата и понатаму да нема царина и други пречки.

Ако Владата денеска го поддржи договорот, него треба да го одобри и ЕУ на самит кој ќе биде одржан во рок од неколку наредни недели. Потоа Меј треба да добие поддршка во Парламентот, во кој и пратениците кои го поддржуваат Брегзит, и оние кои се за ЕУ се закануваат дека ќе бидат против него.

Британија треба да ја напушти ЕУ на 29 март следната година.