(Видео) МВР објави видеоснимка од вчерашните протести пред Собранието

Министерството за внатрешни работи објави видео од вчерашните протести за одбрана на името пред Собранието. Претходно, во соопштение до медиумите, од Министерството ги соопштија сите детали околу вчерашните протести кои беа во организација на навивачката група „Комити“.

Околу 21:30 часот околу 50 демонстранти кои биле дел од вчерашниот протест пред Собрание, во група се упатиле кон Плоштад Македонија и насилно упаднале во два угостителски објекти, каде искршиле дел од инвентарот и предизвикале паника и страв кај присутните гости, а во еден објект демонстрантите врз гостите фрлиле солзавец.

Ова го соопшти полицијата во писменото соопштение упатено до медиумите. Според полицијата, во близина на хотелот Холидеј ин запалено било и комбе Фиат, а огнот бил изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита.

Во текот на вчерашниот јавен собир во Скопје, пред зградата на Собранието, дел од демонстрантите, од кои голем број маскирани, насилно ја турнаа заштитната ограда и се обиделе да влезат во Собранието, соопштуваат од Министерството за внатрешни раобти.

„Почнаа со фрлање на камења и пиротехнички средства и други предмети кон зградата на Собранието и полицискиот кордон, воедно обидувајќи се насилно да влезат во Собранието. Со цел спречување на понатамошно нарушување на јавниот ред и мир и насилен упад во Собранието, а постапувајќи согласно процедурите, полицијата спроведе соодветни мерки и активности. Повредени се 10 полициски службеници, а седум лица побарале лекарска помош. Приведени се 26 лица. Околу 21:30 часот околу 50 демонстранти, движејќи се во група се упатиле кон Плоштад Македонија и насилно упаднале во два угостителски објекти, каде искршиле дел од инвентарот и предизвикале паника и страв кај присутните гости, а во еден објект демонстрантите врз гостите фрлиле солзавец. Во близина на хотелот Холидеј ин запалено е комбе Фиат, а огнот бил изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита“, информира полицијата.