МВР:Од 1 декември зголемување на платите за полициските службеници

Министерството за внатрешни работи во периодот од јуни 2017 година досега постојано работи на подобрување на условите за работа на полициските службеници, нешто што не е правено цела деценија, па полициските службеници беа доведени во ситуација да работат во субстандардни услови и без потребната опрема и униформи.

Ова стои во денешното соопштение од МВР како одговор на барањето од Независниот синдикат на полицијата кој бара еднократно покачување на платите за 20 проценти од јануари 2019 година наместо зголемувањето на платите што го најави министерот за внатрешни работи кое, според синдикатот, ќе изнесува од 400 до 700 денари.

– За сите активности соодветно ја информираме јавноста, а вие, медиумите, и вчера бевте сведоци на пуштањето во работа на реновираниот објект на Полициското одделение во Зајас, Кичевско. На почетокот на наредната недела повторно јавноста ќе биде сведок на нови активности за подобрување на условите за работа на полициските службеници. Покрај тоа, од 1 декември оваа година ќе бидат зголемени и платите на полициските службеници, стои во соопштението.

Од јуни 2017 досега, се посочува во соопштението, интензивно вложуваме во подобрувањето на условите за работа на полициските службеници и со истото темпо ќе продолжиме и во наредниот период.