Марина Костова и Емин Аземи ја примија наградата „Јасмин“

На новинарите Марина Костова и  Емин Аземи денеска во Собранието им беше врачена државната награда  „Мито Хаџи Василев-Јасмин“. Новинарката и филмска критичарка Костова, која сега е заменик главен уредник во порталот  Сакамдакажам.мк, ја доби наградата во областа на публицистиката за монографијата „Манчевски“ за нашиот познат филмски режисер.

Проектот е реализиран од 2013 година во четири фази – од истражување на архивски материјали до печатење на монографијата, од која 120 примероци се дистрибуирани во национални библиотеки, кинотеки, научни институции и академии во над 60 земји на сите континенти.

За остварување во новинарството наградата „Јасмин“ му е доделена на Емин Аземи,  кој сега е одговорен уредник во весникот „Коха“. Според образложението на одлуката, Аземи е неуморен борец за развој на професионалното новинарство базирано на факти и кодексот на етика за подигање на одговорност на новинарството и на довербата на јавноста во него. Аземи ја почнал кариерата во 1980-тите, а во 1998 година го основал првиот независен дневен весник на албански јазик во Македонија – „Факти“ – медиум кој станал професинална школа на десетици новинари и промотор на слободната мисла. Аземи бил и педагог по новинарство на Универзитетот на ЈИЕ.

Заблагодарувајќи се во името на двајцата годинашни добитници на „Јасмин“, Костова рече вистинското прашање не е дали и колку се медиумите слободни, туку за што се слободни кога, како што рече, во посткомунистичката транзиција во Македонија и новинарството е дилетантизирана професија, а медиумите се инструментализирани во борбата меѓу политичките партии и посткомунистичките газди што широко ги  отворило и вратите за корупција.

-Лажните вести не се најголемиот непријател на новинарството. Најголемиот непријател е мрзеливото новинарство, препишувачко, без независна проверка на фактите, со глумење балансираност, неодговорно и некомпетентно. Лошото, мрзливо новинарство ја уништува способноста на слободните медиуми и ја поткопува довербата на јавноста во седмата сила, нагласи Костова. Додаде дека по многу  години во кои Македонија според индексот на слобода на говор на медиуми 12 години била рангирана како неслободна земја, очекува подобрување.

Притоа забележа дека нападите врз новинарите во овој, како што рече, турбулентен период на рековалесценција,  сега се помалку, но дека неказнивоста за насилството сè уште е правило, а не исклучок. Законите за реформи на медиумите не се донесени, цензурата и автоцензурата, рече, и натаму ги има, а стотици новинари се без работа.