Манчевски: Законот за медиуми нема да биде повлечен

Законот за аудио и аудиовизуелни услуги нема да биде повлечен, но остануваме отворени за дискусија, изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во врска со забелешките од одредени здруженија дека законот е противуставен и дискриминаторски.

– Би сакал да знам зошто овие здруженија на многуте јавни дебати што ги имавме не го искажаа овој став, туку го искажуваат преку брифинзи во јавноста. Законот нема да се повлече затоа што согласно информациите кои ги имам за еден состанок во Стопанската комора на Македонија, учесниците не го делат ова мислење. Сепак остануваме отворени за дискусии и јавна дебата, а не зад затворени врати, да го решиме овој проблем и апсолутно сум сигурен дека ќе најдеме решение, рече Манчевски, одговарајќи на новинарско прашање.

Неодамна, владиниот портпарол Миле Бошњаковски изјави дека Предлог законот за аудио и аудиовизуелни услуги пред да влезе во владина процедура ќе оди на уште едно разгледување во Европската комисија по нејзино барање.