Малку аплауз и многу врева за говорот на Иванов

Претседателот Ѓорге Иванов го имаше вчера своето последно обраќање во парламентот, во кое доминираа критики во однос на Преспанскиот договор и последните потези на владејачката гарнитура во делот на амнестијата и донесувањето на уставните амандмани. Тој ги повика пратениците да го отфрлат договорот со Грција, како што го отфрлиле граѓаните на референдумот и се пожали дека бил следен незаконски од Управата за безбедност и контраразузнавање.

Премиерот Зоран Заев, уште неколкумина министри и пратениците од коалицијата на СДСМ го следеа од собраниската сала говорот на Иванов во атмосфера на граница на скандал, со оглед на постојаните дофрлања од средната редица што претседателот беше приморан сам да ги смирува, префрлајќи им на пратениците да ги смират фрустрациите. Пратеничката редица, како и министерските столчиња за кадрите на ДУИ и овој пат останаа празни, а по завршувањето на седницата, пратеникот Артан Груби кусо забележа дека единствена светла точка е што ова е последно обраќање на Иванов.

Во тој дух беше и реакцијата на СДСМ, чиј портпарол Костадин Костадинов оцени дека шефот на државата потврдил дека десет години дејствуваше како марионета на Никола Груевски. Според него, добрата вест е дека тој си оди, а веќе позната вест е дека и во ова обраќање ја потврдил неговата улога на антизападен и антинароден елемент.

ВМРО-ДПМНЕ, очекувано, го поздрави обраќањето на претседателот, откако опозициските пратеници станаа и му аплаудраа на крајот на говорот. Според пратеникот Антонио Милошоски, Иванов се промовира како конзистентен политичар кој држи до принципите врз основа на кои го добил мандатот. Нагласи дека е загрижувачки што првпат во историјата на Македонија се слушна дека врз основа на усна наредба УБК  ги следи комуникациите на претседателот на државата. .

Наспроти тоа,од Владата се јавија со реакција дека Иванов единствено докажал дека остана доследен на својата определба да ги дели граѓаните, што сега ја дополни со конструкции со кои потврди дека живее во свет на заговори.

Наместо да го прочита Договорот од Преспа и да ги поддржи гаранциите за идентитетот и за просперитетот кои ги нуди, тој продолжува да шири невистини и омрази, обидувајќи се со тоа да го попречи напредокот на граѓаните на Македонија, реагираа од Владата.

Иванов го цитираше првиот претседател Киро Глигоров, кој кажал дека прашањето за името и идентитетот е постаро од секој Устав, влада, партија, па дури и од државата, и дека ниту еден поединец, од ниту една генерација, нема право да тргува со тоа име и со тој идентитет.Според него, Преспанската спогодба ѝ става крај на Македонија каква што ја знаеме.

-Се уште се надевам дека ова парламентарно мнозинство ќе смогне сила и ќе го послуша гласот на народот и ќе ја отфрли Преспанската спогодба и амандманите за промена на Уставот. Спогодбата повредува одредба од внатрешното право од фундаментално значење. Текстот на таа Преспанска спогодба е изготвен без национален консензус, без мое знаење и без моја согласност, рече Иванов.

За референдумот на 30 септември, оцени дека тивкото мнозинство донело гласна одлука дека никој нема мандат од народот да го менува Уставот заради промена на уставното име ниту право да тргува со идентитетот.,

– Македонија е нашиот заеднички дом. Вие наумивте да го реконструирате со тоа што ќе ги отстраните неговите носечки столбови и ќе ги поткопате неговите темели. Носечките столбови се Уставот и законите. Темелите се клучните државотворни документи на АСНОМ, нагласи Иванов. .

Тој гледа можност за натамошен развој на односите со Грција со враќање кон автентичните и ненаметнати мерки на градење на доверба кои, според него, почнале да даваат резултати, како и преку обновување на националниот консензус во Македонија. Иванов се осврна и на Законот за употреба на јазиците, за кој повтори дека е противуставен и дека ќе предизвика целосна блокада на институциите.  Изразувајќи почит кон албанскиот, турскиот, српскиот, влашкиот, ромскиот и бошњачкиот народ,тој нагласи дека македонскиот јазик е комуникациски код и кохезивен фактор што ги поврзува сите сегменти на македонското мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општеството.

Шефот на државата рече и дека веќе ги активирал гаранциите што ги доби од Заев кога конечно му го даде мандатот за формирање на влада.

о неговиот потпис на тие писмени гаранции јас ставив вето на Законот за употреба на јазиците и на Законот за ратификација на спогодбата од Преспа. Со тоа, гаранциите се активирани. А активирани се бидејќи сме соочени со апсурд, порача претседател Иванов од собраниската говорница.

Во однос на евроатланстките интеграции, Иванов истакна дека како претседател постојано се залага за тие цели, но нагласи, но, мора, нагласи, да дадеме решение за клучните структурни проблеми во Македонија, наместо ги одлагаме и да чекаме тие сами да се решат кога ќе влеземе во ЕУ и НАТО.

Членството во ЕУ и НАТО го сплотува целото наше општество, бидејќи за македонските граѓани НАТО значи безбедност, а ЕУ значи просперитет. И македонските граѓани два пати ме избраа да работам на остварување на таа цел. Го правам сето она што е во моја надлежност. Како врховен командант на вооружените сили посветувам големо внимание на АРМ преку која ние практично сме во НАТО, рече Иванов.Осврнувајќи се на соработката со владата и Собранието рече дека таа по одредени прашања била добра и дека таквата соработка е неопходна за доброто на државата, но оти во изминатата година  кохабитацијата била ставена на тест. (А.М.М.)

 УДБА си останува УДБА

И во оваа прилика, претседателот говореше за УБК како жариште на политички, институционални и безбедносни кризи, кое работи надвор од својот законски мандат.

-Постојано ми стигнуваат информации дека врз основа на усна наредба се врши следење, снимање и прислушкување на претседателот на државата, на членовите на неговото семејство и членовите на неговиот кабинет. А тоа е само индикатор дека се менуваат системи, називи, влади, министри и директори но, по се изгледа дека УДБА си останува УДБА, рече Иванов.

Јас спречив хаос, вие предизвикувате!

Во обраќањето претседателот направи споредба и меѓу неговата одлука за колективна аболиција за прислушувањето и последните потези на мнозинството во таа насока.

Одлуките за помилување ги донесов за да спречам хаос во државата, а одлуката за амнестија се донесе за да се озаконат уцените со кои се создава хаос и се руши правната држава. Мојата цел беше помирување преку помилување, а вашата цел е обезбедување поддршка за уставните измени преку уценување – оцени Иванов. СЕ опрвада и дека Законот за амнестија го потпишал за да ги разоткрие вистинските цели и намери.