Македонското друштво „Илинден“ бара ослободување на Едмонд Темелко

Македонско друштво „Илинден“ со седиште во Тирана и огранокот за Голо Брдо, искажуваат огромна загриженост и вознемиреност за влошената здравствена состојба на Едмонд Темелко, градоначалник на општина Пустец и претседател на единствената македонска партија во Албанија, Македонска Алијанса за Европска Интеграција (МАЕИ), кој се наоѓа во притвор во Македонија.

– Во име на сите Македонци бараме итно ослободување на Едмонд Темелко, еден од најголемите поборници за нашите права во Албанија. Во исто време апелираме до македонските институции итно да ги преземат сите потребни чекори за да помогнат да се дозволи потребната лекарска нега за Темелко, се наведува во соопштението.

Натаму се истакнува дека се придружуваат на претседателите на Македонија и на Албанија, Ѓорге Иванов и Илир Мета, кои веќе изразија загриженост за здравствената состојба на Темелко.

– Ваквата загриженост добива уште поголемо значење поради неговото апсење без никаква негова вина. Држењето во затвор на Едмонд Темелко го оценуваме за антимакедонско, со долгорочни последици по положбата и правата на Македонците во Албанија, се оценува во соопштенето потпишано од претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај и на огранокот за Голо Брдо, Или Халилај.