Македонските актери ќе го чистат Клинички центар


Македонските актери решија да започнат акција за чистење на Клиничкиот центар во Скопје од натрупаното ѓубре. Идејата ја започна актерката Сања Арсовска чиј матичен театар е Драмски, а во исто време е и претседателка на Синдикатот на култура на Република Македонија (СКРМ).

Арсовска на својот профил на „Фесјбук“ ги повика колегите-актери да ја започнат акцијата од утре во 10 часот.

„Се разбудив и си викам, па и онака сезоните во театрите ни се завршени, ништо не работиме, што не се собираме барем еднаш неделно на некои критични места и да зачистиме ѓубре? Како уметници секако имаме должност во градење на културолошки вредности, без разлика дали се уметнички, социјални, еколошки, сообраќајни…Ако направиме некаква акција, може нешто ќе промениме во јавната свест, некој ќе сфати дека освен право на животна средина има и обврска кон истата. Некако ми дојде идејава, може е глупа, ама ако се јави некој колега расположен за вакво нешто, јас би се нафатила на драга волја“, напиша таа.

На нејзиниот повик се огласија поголем број на актери и уметници меѓу кои Ирена Ристиќ, Јасмина Василева, Гораст Цветсковски, Нина Николиќ, Симона Спировска и други.

Акцијата ќе ја започнат утре во 10 часот пред влезот на Клинички центар, тие ги повикуваат сите граѓани кои сакаат да дадат пример и да се обидат да се влијае на промена на свеста.

„Независен весник“ веќе пишуваше дека Клиничкиот центар се дави во ѓубре,бидејќи викенд акциите не се доволни, а трајно решение досега не се најде, иако проблемот постои повеќе од три месеци.

Целосниот текст со наслов „Кој ќе го чисти Клинички центар: Службата во долгови, директорката на одмор“ кој го објавивме во денешниот број, може да го прочитате ТУКА.