Македонија ѝ пружа рака за помош на Грција

Грција е во шок и солзи по катастрофалните пожари во околината на Атина што проголтаа најмалку шеесетина животи. Се бројат жртвите, се оплакува црната судбина, се шират неверојатни приказни за нивните последни секунди од животот и неуспешните обиди да се спасат од најлошото. Европа и светот сочувствуваат со Грција, сите сакаат барем за миг да ги споделат овие ужасни моменти и да им ја намалат болката на тамошните граѓани. Финансиската штета е на дното од грижите, човечките животи се непроценливи. Битката е за нив.

Македонија како најблизок сосед со внимание следи што се случува. Нејзините капацитети не се којзнае колкави, но ставени се во функција и чекаат „амин“ од властите во Грција. Надлежните во земјава велат дека без да добијат дозвола, не можат на своја рака да испратат помош.
Прв реагираше Градот Скопје. Градоначалникот Петре Шилегов изминативе месеци неколку пати се сретна со атинскиот колега Јоргос Каминис, при што беа потпишани меморандуми за соработка. Заедничките активности на полето на културата, спортот, образование и науката ќе почекаат на подобри денови, сега треба да му се пружи рака на соседот во неволја.

„Градоначалниците вчера околу пладне имаа телефонски разговор, по што Градот Скопје ќе и даде еден милион денари на Атина. Тоа е првата итна мерка, а остануваме отворени за каква било помош“, информираат соработниците на Шилегов.
Набргу се огласија и од Владата, од каде што ќе донираат шест милиони денари или околу сто илјади евра. Дирекцијата за заштита и спасување понуди два од трите специјализирани авиони за гаснење пожар, но се чека потврда од грчката страна дали помошта ќе биде прифатена.
„Нашата земја нуди помош од тоа со што располага. Понудивме два воздухоплови и целата логистика што оди со нив, односно пилоти, координатори, авиомеханичари… Чекаме Грција да се изјасни дали има потреба од ваква помош, оти добивме информации дека пожарот се става под контрола, а и други поголеми европски земји понудија помош. Во вакви случаи, регионалната соработка е особено нужна“, вели Аднан Џаферовски, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.

Македонската влада е во постојан контакт со грчките власти, кои се заблагодарија за понудената помош и изразената поддршка и солидарност.
„Ја изразуваме нашата искрена благодарност до министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, и на ПЈРМ, Никола Димитров, за нивната брза реакција да понудат воздушни средства за гаснење на смртоносните пожари на Атика. Оваа брза понуда за помош покажува во пракса дека духот на вистинската соработка и солидарност, како и природните катастрофи, не познаваат граници и надминуваат каков било спор“, наведуваат од грчкото министерство за надворешни работи.

Во македонското МНР, сепак, им препорачуваат на нашите граѓани да избегнуваат патувања во областа на Атика во околината на Атина каде што беснееја пожарите. Оттаму потврдуваат дека досега немаат барања за помош од македонски граѓани.
„Ги информираме граѓаните дека засега македонски државјани не се обратиле за помош во нашето дипломатско-конзуларно претставништво во Атина. Поради пожарите во Грција, прогласена е вонредна состојба. Контакт-телефонот во Атина е 0030 694 474 3071“, соопшти МНР.
Препораката за непатување не важи за северното грчко приморје, каде што, според сведочењата на туристичките оператори, интересот на граѓаните воопшто не е поколебан по апокалиптичните слики што доаѓаат од југот на Грција. Впрочем, ситуацијата беше идентична и при неодамнешните поплави на Халкидики, а не па сега на оддалеченост од седумстотини километри.

„Досега ниту еден аранжман не е откажан ниту, пак, имаме каква било реакција од туристите што се во Грција. Ретко кој оди околу Атина на подолг период“, велат од „Арбо травел“.
Истото го потврдуваат и од агенцијата „Атлас“.
„Не само што нема откажувања, туку имаме и уплати на таканаречените ‘ласт минит’ аранжмани. Нашите туристи летуваат на други дестинации, доколку некој оди во Атина, тоа би било индивидуално“, потенцираат од „Атлас“.

И покрај понудената пријателска рака, впечаток е дека изостанаа сликите како оние од 2014 година и поплавите во Обреновац, па донекаде и во БиХ и во Хрватска, кога на плоштадите се собираа облека и храна, се донираа пари, се испраќаа спасувачи, заминуваа волонтери…
„Не сметам дека реакцијата е помлака во споредба со слични настани од минатото. Црвениот крст е во постојан контакт со грчките колеги и подготвени сме веднаш да интервенираме. Но факт е дека грчката влада сè уште нема испратено повик за меѓународна поддршка, сметаат дека сопствените капацитети им се доволни за да се справат со трагедијата. Без нивна покана, не можеме да испратиме помош. Но, повторувам, подготвени сме веднаш да реагираме“, ни изјави Сузана Тунева-Пауновска од Црвениот крст на Македонија.

Реакции меѓу граѓаните предизвикаа и коментари по социјалните мрежи на поединци кои се ситат на трагедијата и им посакуваат уште поголеми зла на Грците и на нивната земја, алудирајќи на политичките односи меѓу двете земји. Во 2007 година, кога половина Македонија беше во оган, а најопасно беше околу Битола, и грчки канадери ги гаснеа пожарите.
„Огромното мнозинство од граѓаните на Македонија сочувствуваат со граѓаните на Атина, како и на цела Грција. Оние индивидуалци што се ситат на трагедијата со која се соочува соседот не се луѓе“, кусо прокоментира министерот Едмонд Адеми.

Горан Адамовски
Сунчица Стојановска-Зоксимовска