Македонија од февруари ќе има столче во НАТО

 

Иако кризата во владината коалиција во Грција внесе доза на неизвесност околу Преспанскиот договор, целата процедура за прием на Македонија во НАТО е подготвена и грубата проценка покажува дека веќе во февруари Македонија може да стане членка на Алијансата и наши претставници да учествуваат на сите состаноци на организацијата. Македонија, додека не се ратификува протоколот за прием, кој се очекува да трае една и пол година, ќе има столче меѓу генералниот секретар Јенс Столтенберг и претставникот на САД, но нема да има право да гласа на состаноците на Алијансата.

По десет години неверување дека еден ден и нашата држава ќе се приклучи на НАТО, првпат може да се каже дека отсега натаму главна улога нема да игра политиката туку процедурата. Откако во Грција во среда навечер ќе се изгласа доверба на владата, што е речиси извесно по сите јавни потврди од функционерите на партијата Независни Грци кои му свртеа грб на Панос Каменос и му се приклучија на премиерот Алексис Ципрас, ќе биде закажано гласањето за Преспанскиот договор во грчкиот парламент, што може да се случи веќе до крајот на оваа недела. Во меѓувреме, шефот на дипломатијата Никола Димитров треба да испрати писмо до Брисел во кое ќе го информира дека постапката во Македонија е завршена и дека сега Грција е на ред. Притоа, ќе изрази наша подготвеност да ги завршиме бараните реформи и да ги преземеме одговорностите што ги носи членството.

Откако Преспанскиот договор ќе биде изгласан во Грција, а потоа и ратификуван, слично писмо премиерот Алексис Ципрас треба да испрати во НАТО во Брисел, што ќе биде согласност да почне потпишувањето на протоколот за прием. Тоа треба да се случи во текот на февруари на Северноатлантскиот совет и на ниво на амбасадори во НАТО, практично според пораката што ја слушавме овие десетина години – дека секоја среда Македонија може да стане членка на алијансата. На потпишувањето, што ќе го направат сите амбасадори во исто време, нема да присуствува претставник на Македонија бидејќи процедурата не го предвидува тоа.

Од тој ден Македонија е присутна на сите работни состаноци на Алијансата и практично треба да почне комплетирањето на нашата мисија во Брисел, за да можат да се следат сите и политички и воени активности. Според договореното, Грција треба да биде првата земја што ќе го ратификува протоколот за прием на Македонија во Алијансата, што значи дека ќе треба да гласа и вторпат бидејќи протоколот го чека нејзиниот потпис на Преспанскиот договор и не можат во исто време да се усвојат двата документа. Проценките во НАТО се дека Македонија, поточно Северна Македонија, најдоцна на почетокот на 2020 година формално ќе стане членка на Алијансата и ќе го заземе своето постојано столче – меѓу Норвешка и Холандија. Дури и кога ќе стане членка Македонија ќе треба да продолжи да работи на националната програма за реформа за НАТО, пред сè во одбраната и во разузнавачките служби. Од НАТО веќе најавија дека ќе бараат ревизија на сите безбедносни сертификати издадени во земјата, за да не им се случат „бомби“ во внатрешното функционирање како кај нас, кои ја покажаа состојбата во разузнавачките служби во земјата. Формалната церемонија за прием на Македонија, со подигнување знаме и свечено потпишување ќе се случи во 2020 година, а од тогаш нашите граѓани ќе можат да учествуваат на сите огласи за работни места објавени од страна на НАТО, тоа што досега го правеа некои со бугарски и други пасоши. Македонија ќе биде 30. земја членка на Алијансата и прашање е дали во некоја блиска иднина НАТО воопшто ќе донесе друга одлука за проширување бидејќи нема ентузијазам за тоа и ние буквално го фативме последниот воз. (Н.В.)