Македонија загуби од Летонија на стартот на квалификациите за ЕП 2018

Македонската фудбалска репрезентација до 19 години доживеа пораз од Летонија со 1:2 (0:1) на стартот од елитниот квалификациски турнир за пласман на Европското првенство во Финска во 2018 година. Летонија ги искористи своите шанси и ја запиша првата победа, иако „црвено-жолтите“ го диктираа темпо во текот на целиот натпревар, но не успеаја да ги реализираат своите шанси.
Летонците поведоа со голот на Богданс  Самоиловс во 42-та минута, а во 56-тата истиот играч со одличен погодок од околу 20 метри ги доведе гостите до убедлива предност.
Во 88-та минута во шеснаесетникот на гостите беше срушен Елиф Елмас, а од белата точка прецизен беше Димитар Митровски за конечни 1:2.
Во вториот меч од квалификациската група 2, Англија со пресврт во вториот дел ја победи Унгарија со 4:1, откако на полувреме губеа со 0:1.
По првите дуели, Англија и Летонија имаат по три бода, а Македонија и Унгарија се без бод.
Во следното коло, Македонија на 24 март ќе се соочи со селекцијата на Унгарија.