Македонец и Срби го држеле наркопазарот во Виена

Австриската полиција уапси четворица Срби и еден Македонец поради шверц со наркотици. Акцијата била реализирана во Виена, запленети се 2.5 килограми хероин и 20 килограми марихуана, чија вредност се проценува на 350.000 евра. Уапсените се во притвор, пренесуваат австриските медиуми.

Еден Србин и македонскиот државјанин на возраст од 33 години се приведени на 15 јуни. Тие најмиле работен простор во Вахринг за да ја дилаат дрогата. При претресот во просториите, пронајдена е марихуаната вредна 200.000 евра.

„Уапсениот Србин призна дека дрогата ја продавале неколку месеци“, изјави портпаролот на полицијата, Даниел Принц.

Другата група користела стан во Хернелс, кој бил надѕиран од службеници на работната група за борба против уличниот криминал. Во нивниот стан пронајдени се околу 18.000 евра, 760 грама хероин со продажна вредност од 22.500 евра и 2.590 грама кокаин. Покрај тоа, запленети се и два лажни хрватски пасоши. Истрагата е во тек, соопштија австриските медиуми.