Левица се враќа на улица

Безусловно суспендирање на иницијативата за уставни измени, поништување на договорот од Преспа, итно распуштање на парламентот, закажување предвремени парламентрани избори и формирање преодна техничка влада за спроведување фер и демократски избори. Ова се барања на Левица, која најавува масовен граѓански отпор поради петочното гласање во Собранието.

Поединците од двете криминални политички здруженија на СДСМ и ДПМНЕ, кои денеска се наоѓаат во македонското Собрание, како божемни народни претставници, после неуспешниот референдум за ‘Северна Македонија’, веќе не се легитимни да одлучуваат за промена на уставното име на републиката спротивно на народната волја. Политичката корупција не може да произведе правовалидни одлуки кои ќе го обврзуваат народот. Корумпираните пратеници, заради своите криминални досиеја, се подложни на уцени и поткупи што дополнително ја саботира нивната политичка способност да можат независно и, во согласност со волјата на народот, да носат легитимни одлуки во Собранието на РМ. Македонија е заробена држава во нивниот пеколен круг, а заткулисните антидемократски игри на двете политички орди му служат на еден ист господар – капиталот и парите“, велат во Левица.

Од партијата сметаат дека двете најголеми партии глумат спротивставеност, но кога доаѓа време за спроведување на вазалните одлуки – преку заемна заштита и зад затворени врати ја кројат судбината на народот.

Најавуваме дека во иднина се враќаме на улиците и ќе ги искористиме сите парламентарни и вонпарламентарни начини на политичка борба, со цел враќање на киднапираниот суверенитет на народот. Обзнануваме дека во секоја наредна фаза на гласањето на контроверзните уставни промени ќе бидат организирани масовни антивладини простести пред законодавниот дом под мотото Народна Самоодбрана. Секојдневни радикални политички акции, во координација со сите засегнати политички чинители кои се против промена на уставното име, ќе бидат систематски преземани низ територијата на целата Република“, најавуваат од Левица.