Левица на браникот на десницата

Поднесување претставка до Уставниот суд за оценување на договорот за името со Грција и бојкотирање на референдумот со цел да пропадне поради неисполнет цензус, се следните два чекора што Левица планира да ги повлече во наредниот период. Движењето, кое прерасна во партија, се профилира како една од ретките на домашната сцена, која отворено се залага за зачувување на уставното име на Македонија, за разлика од „големите играчи“, кои тактизираат со изјавите и со однесувањето. Токму од Левица укажаа на можноста за џебно вето на претседателот Ѓорѓе Иванов при донесувањето на Законот за јазици и тврдеа дека Владата нема овластување да потпишува меѓународни договори за промена на име поради што ќе реагираат до Уставниот суд. Од Левица, исто така, најавија кривични пријави против премиерот Зоран Заев, а изведоа и неколку поситни „фаули“, како обвинувањето за лажниот двоен докторат на владиниот генерален секретар Драги Рашковски и реакцијата за давањето концесии од Владата за експлоатација на рудници, со што популарните „левичари“ полека станаа движечка сила на десничарското ткиво во општеството.

Прекумерната употреба на сила од страна на специјалната полиција не е одлика на една демократска држава. Учествував на сите протести на ‘Шарената револуција’ во време на ‘груевизмот’, но не се сеќавам на солзавци и шок-бомби“, рече професорот Димитар Апасиев од президиумот на Левица по насилните протести пред Собранието во Скопје.

Неодамнешното минато на Левица покажува дека беа едни од најгласните критичари на владата на Никола Груевски, секојдневно беа на улиците и протестираа барајќи промени. Три години подоцна, најголем дел од нивните „шарени“ другари се сместија во Владата, а тие останаа и натаму од другата страна на „Илинденска“. Неодамна добија јавна критика од СДСМ дека станале дел од ретроградните струи и дека наликуваат на крајна десница.

Не сме станале десница, едноставно сме принципиелни. Согласно нашите принципи, зазедовме став во врска со спорот за името, кој е во однос со почитување на човековите права, вклучително и правото на самоопределување на секој народ и се заложивме за решавање на проблемот без предизвикување пораст на национализмот во Македонија и во Грција. Овој начин што го одбраа СДСМ и Сириза очигледно го буди национализмот и, наместо европска перспектива, нѐ заглавува во национален дискурс. За жал, политичките елити во земјава, и СДСМ и претходно ВМРО-ДПМНЕ, секогаш го прават истото: ги користат националните прашања за одвлекување на вниманието на граѓаните од вистинските проблеми, а тоа се сиромаштијата и економијата. Како што ја критикувавме минатата власт, така ќе ја критикуваме и оваа, затоа што ништо не е сменето. И новите властодршци сакаат да уживаат во привилегиите без да им е грижа за секојдневните проблеми“, ни изјави Здравко Савески, член на централниот комитет на Левица.

Ја критикуваат сечата на дрвја во скопската населба Аеродром и градоначалникот Златко Марин, нераспуштањето на „алфите“, нефункционирањето на надворешната контрола во МВР… Дел од поддржувачите на власта ги доживуваат критиките како лични, искажани од гневни структури што не успеале да ја придобијат власта или да станат дел од неа по рушењето на Груевски. Од друга страна, тврдокорното крило во ВМРО-ДПМНЕ гледа партнер во Левица во неприфаќањето на договорот за името со Грција, односно умереноста што ја добиваат од новото раководство.

Пасивноста на ВМРО-ДПМНЕ е нивна внатрешна работа. Нашиот став е познат и непроменлив, тие се бизнис-партија која го осиромашува народот, тие се десничарска партија, поради што ние како левичари не може и не соработуваме. Едноставно сме принципиелни, и тоа ѝ пречи на новата власт“, заклучува Савески.

На предвремените парламентарни избори во 2016 година Левица освои над 12.000 гласачи. Лани, на локалните избори, со своја листа излегоа во 11 општини и добија околу 11.000 гласа, како и три советнички места: по еден во Град Скопје, Општина Карпош и во Росоман. Тие не коалицираат со никого.

И во ВМРО-ДПМНЕ велат дека договорот за името со Грција е лош и нема да гласаат за уставни промени. Најавија работно лето во кое ќе ги посетат сите градови и села, но многу работи остануваат во магла: дали ќе организираат нови протести, дали ќе се појават и гласаат во парламентот за ратификација, дали ќе бидат за бојкот на референдумот или ќе излезат и ќе гласаат против, со што би обезбедиле цензус? Што доколку не победат на крајот и ако референдумот покаже дека граѓаните го поддржуваат договорот? Дали тогаш ќе ги поддржат потребните уставни измени почитувајќи ја волјата на граѓаните? Од најголемата опозициска партија вчера се собраа во Битола, но не стојат зад вечерните протести што се случуваат во Скопје.

Местото ви е меѓу народот“, „Излезете на улица, не се кријте во глувчешка дупка“, „Народот не е глупав, гледа дека и вие играте игри“, „Немојте случајно да сте гласале на референдумот, викнете на бојкот, СДСМ и албанските партии не можат да соберат 900.000 гласачи“, „Пратениците да излезат од собранието“… се само дел од пораките што ги добива новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ од дел од своите членови и симпатизери. На протестите редовно се појавуваат припадници на фракционерското крило, како и професори и лица од јавниот живот кои со своите ставови ја подржуваат страната на ВМРО-ДПМНЕ.

Јас сум свесен дека сите очи на јавноста се свртени кон нас. Народот го бара спасот во нас, а јас го слушам гласот на народот. Се соочуваме и со најголемото предавство и капитулација што можеше да ни се случи, а тоа е договорот што го потпишаа за промена нашето вековно име. Кампањата што тие ја спроведоа е да бидете пасивизирани, да покажете дека сте незаинтересирани и да си кажете сите се исти. Јас ве уверувам дека ние не сме исти, зарем исти сме тука што сме. Да си помислите ништо не зависи од вас, а верувајте се зависи од вас, од нас, иднината на оваа земја зависи од вас и од нас, не од него. Но ќе ви кажам, нѐ потценија“, извика Мицкоски од битолски Широк сокак. Вети дека и по цена на животот нема да го прифати договорот и се закани оти ќе дојде ден кога ќе одговараат тие што ја предадоа Македонија.

Горан Адамовски