Левица му го замрзна членството на Јовановиќ во партијата

Президиумот на Левица, на седница одржана во петокот, донел одлука да му го замрзне членството во партијата на Бранимир Јовановиќ, актуелен советник на министерот за финансии Драган Тевдовски, информираше денеска партијата.

Јовановиќ минатата година поднесе неотповиклива оставка од сите партиски функции во Левица, и ја прифати понудената функција советник во кабинетот на Тевдовски.

„По ова, ЦК на Левица едногласно ја прифати неговата оставка и пасивизацијата на неговото членство и реши да не го сакционира на никаков начин, туку само да ја следи неговата работа во новата Влада. Но, по последниот развој на настаните, поврзани со носењето на серија крајно штетни економски одлуки кои не беа предвидени ниту во предизборната програма на владејачката коалиција – Президиумот одлучи привремено да го замрзне членството на Бранимир Јовановиќ во Левица, поради јавно застапување политики и ставови кои се суштински спротивни на нашата идеологија и на најважните основачки акти на партијата“- пишува во соопштението.

Од Левица бараат министерот Тевдовски и неговите советници, „доколку себеси сè уште се декларираат за социјалдемократи“, да престанат да ги празнат џебовите на работниците, за сметка на невоведувањето прогресивен данок со кој би ги опфатиле енормно високите приходи на олигарсите и на богатите.