Латас и неговите браќа тврдат дека се невини

Обвинетите во случајот „Тревник“ на СЈО, Драган Павловиќ – Латас, Срѓан Павловиќ и Звездан Павловиќ денеска во Кривичниот суд се изјаснија дека не чувствуваат виновни за бесправната градба на три објекти во Зелениково.

Според обвинението, тие изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градење. Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри.

Во прибавените докази на СЈО, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.

На минатото рочиште на обвинетите, на нивно барање, им беа доставени транскриптите од аудио разговорите по кои се води обвинението.

На денешната расправа требаше да бидат преслушувани снимените разговори но, на барање на одбраната тоа беше одложено со цел тие да ги издвојат снимките за кои ќе бараат исклучување на јавноста.

Судијката Марија Клетничка рече дека на следното рочиште на 4 јули Судот ќе одлучи кои разговорите ќе се пуштаат, а до тогаш обвинетите треба да достават барање кои „бомби“ сметаат дека не треба да ги слушне јавноста.