Лажетиќ: Недозволиви се политички пазарења за Кривичниот законик

Недозволиво е Кривичниот Законик да биде инструмент за политички преговори и да се предлагаат измени направени преку колено без каква било претходна анализа, вели професорката по казнено право на Правниот факултет во Скопје, Гордана Лажетиќ.
Според неа очигледно е дека се злоупотребува политичкиот момент за да се одбегне кривична одговорност и за сериозни злоупотреби да се добијат условни казни.
-Со тоа се создава правна несигурност. Долгите затворски казни остануваат за обичниот граѓанин кој не е заштитен од политичка партија, иако многу поголема одговорност се очекува од оние кои добиле мандат од граѓаните да ја водат државата и нејзините институции, нагласува Лажетиќ.
Како што вели, станува збор за целни измени, а не за јавен интерес.
-Недостига само уште да се напише име и презиме на кого се однесуваат измените што се предлагаат, вели универзитетската професорка.

Според информациите во медиумите, ВМРО ДПМНЕ доставила предлози за измена на Кривичниот законик во членот 353 за намалување на казните за „злоупотреба на службената положба и овластување“. Исто, така, биле предложени, наводно, измени и на членот 165-а кој се однесува на „ злоупотреба на средства за финансирање на изборни кампањи“. Овие членови од Кривичниот законик не се поврзани со настаните во парламентот на 27 април минатата година, за кои ВМРО-ДПМНЕ и отворено побара амнестија.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски, зборувајќи за очекувањата од утрешната лидерска средба, изјави денеска дека очекува прво да престанат манипулациите и оркестрираната кампања што, како што рече, ја води СДСМ и власта кон опозицијата.
„Очекуваме прво да престане кампањата кон ВМРО-ДПМНЕ што ни се случува деновиве по медиумите. Очекуваме да се утврдат сите механизми за заштита на волјата на граѓаните. Исто така, очекуваме конечно Заев и господата од власта да прекинат да ги менуваат секојдневно ставовите и да почнат да се однесуваат согласно Уставот и законите, а не да се однесуваат насилно како тоа што го прават досега, што можеше да го види целата јавност и медиумите“, изјави Арсовски.