Лавров ќе ги посети Словенија и Србија на 21 и 22 февруари
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ќе ги посети Словенија и Србија на 21 и 22 февруари, каде што ќе одржи серија билатерални средби, соопшти денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
– На 21 февруари министерот за надворешни работи на Руската Федерација ќе има работна посета на Словенија, планирана е средба меѓу него и претседателот на државата, како и разговори со министерот за надворешни работи, нагласи Захарова.
Според неа, за време на разговорите ќе бидат разгледани перспективите за развој на односите меѓу двете држави и можностите за продлабочување на соработката во политичката и трговско- економската сфера.
– Се очекува да бидат разменети мислења во врска со ситуацијата на Балканот и голем број европски прашања, нагласи таа.
Захарова инфромира и дека Лавров на 21 и 22 февруари ќе го посети Белград по повод одбележувањето на 180-годишнината од воспоставување на дипломатски односи меѓу Русија и Србија.
– Предвидени се средби со претседателот на државата и министерот за надворешни работи на Србија, додаде Захарова.