Кукан и Мекалистер: Пратениците имаат слободен мандат и одговорност

 Европратениците Дејвид Мекалистер и Едуард Кукан по собраниската дебата за предлогот за пристапување кон уставни измени денеска во заедничка изјава потенцираа дека Договорот од Преспа е историска можност за европска иднина на земјата, а оти пратениците ја поседуваат клучната одговорност во одредување на политичката насока на земјата. 

– Договорот од Преспа од 17-ти јуни 2018 година обезбедува историска можност за европска иднина на ПЈР Македонија. Пристапувањето во ЕУ е стратешки избор заснован на вредности, при што помирувањето, добрите меѓуетнички и добрососедски односи се клучните елементи на политика за проширување на Унијата. Пратениците во Собранието – кои не се врзани и имаат слободен мандат – ја поседуваат клучната одговорност во одредување на политичката насока на земјата, се наведува во заедничката изјава на европратениците.

Кукан и Мекалистер посочуваат оти го разбираат тешкиот избор поврзан со спроведувањето на Договорот од Преспа.

– Сепак, веруваме дека сите политички чинители ќе ја искористат оваа единствена можност конструктивно да учествуваат во градењето на евроатлантската иднина на ПЈР Македонија. Преку користење на овој прозорец на можности, Собранието треба да ја преземе одговорноста и да го отвори патот кон успешна, просперитетна и европска земја, се наведува во заедничката изјава.

Дејвид Мекалистер е претседател на Комисијата за надворешни работи на ЕП, додека Едуард Кукан е претседавач на Работната група за Западен Балкан во рамките на Комисијата за надворешни работи на ЕП.