Кристина Арнаудова, поп-ѕвезда: Ги издржав заканите од кои ќе ви се заледи крвта

Кристина Арнаудова (38) е поп-ѕвезда со став, која сега чувствува дека може да биде попродуктивна во филантропијата и во хуманитарната работа. Дел од детските соништа ги остварила – да се занимава со музика и да им помага на сиромашните деца. Благословена е со два сина и благодарна е до бескрај за тоа. Од претходниот живот се сеќава на слободното време, кое е сега непостоечко…

Што има ново кај тебе?

– Сè е ок, животот ми е многу динамичен и секојдневно се случува нешто ново. Во периодов имам многу настапи на културни лета и на други настани, а во исто време во „Проект среќа“ се спремаат два проекта, „Шарено лето – летен камп за деца во социјален ризик“, и,, Здраво шампиони“, проект за набавка на спортска опрема и спортски членарини за сите деца во социјален ризик од Македонија кои сакаат да спортуваат, а немаат услови за тоа. Дома ни е весело, со две темпераменти незапирливи деца, кои постојано имаат потреба од некаков ангажман и анимација околу нив…

Мајка, сопруга, поп-ѕвезда, хуманитарка, бизнисменка… Кој ангажман ти одзема најмногу време, а кој ти прави најмногу ќеф?

– Оној што ми одзема најмногу време ме прави и најсреќна, а тоа е улогата на мајка и сопруга! На второ место е „Проект среќа“и тоа е мое работно место каде што поминувам многу време во денот работејќи на реализација и конструирање на проекти со кои им помагаме на децата кои живеат во сиромаштија… Не се доживувам нешто посебно како поп-ѕвезда, и тој ангажман последниве неколку години не ми одзема многу време. Како што можете да забележите и сами, не сум активна онолку колку што би требало… Бизнисменка не сум бидејќи мене во моите активности ме води срцето, а основата на бизнисот е профитот, а профитот никогаш не ми бил прв мотив за работа. Ни во музиката ни во останатите мои активности. Бизнис кој е врзан за медиумски лица кај нас тешко се реализира, како и сè друго.

Дали музичката кариера трпи на сметка на „Проект среќа“ или сè си тече по план?

– Па да, трпи… на почетокот мислев дека „Проект среќа“ ќе биде само мое хоби, но наскоро се наметна како сериозен ангажман кој бара големо вложување и многу работа. Ме мотивира успехот што го постигнуваме со сите проекти, ме мотивираат децата што ги правиме среќни, ме мотивира тоа што гледам дека може да направиме промени, само ако се трудиме, и ако работиме вредно на таа идеја. Во моментов чувствувам дека можам да бидам многу попродуктивна, дека имам повеќе да кажам и дека сум попотребна на тоа поле, во филантропијата и во хуманитарната работа отколку во музиката. Тоа е таа моја одлука. Секој мора да си ги знае приоритетите бидејќи, ако се растргнеме на сите страни, никаде нема да доживееме успех.

Те прогласија за најдарежлива јавна личност во Македонија. Колку ти значи ова признание?

– Тоа беше кампања на една компанија и не знам што точно значи тоа, но не го сфатив премногу сериозно. Не си давам на значење толку…  Јас сум таква каква што сум, секогаш сум била таква, и најсреќна сум кога можам некој друг, кому среќата му недостасува, да го направам среќен. Луѓето што ме познаваат знаат дека уживам кога им помагам на луѓето. Мене лично во овој момент од компаниите ми е попотребна поддршка во вид на донации за децата, отколку признанија за мојата личност. Мојата крајна цел е да ги натерам сите компании на поголема општествена одговорност. Онаму каде што прават профит, мора да имаат одговорност кон општеството и кон оние од кои го прават профитот. Таа свест кај нас, во бизнис-секторот е сè уште многу ниска и неразвиена. И затоа „Проект среќа“ и јас работиме секој ден, да ги направиме сите компании наши партнери!

Имам чувство дека естрадата многу малку се ангажира во национални кампањи и за подигање на свеста. Дали не се добар пример или е нешто друго во прашање?

– Не можам да зборувам во име на другите. Има неколку колеги кои се активни, како Биба Додева со нејзината „Борка“, со која прави многу за болните од рак, Ребека со нејзината „Дајте ни крилја“… Би сакала да видам повеќе јавни личности со свои каузи кои ќе ги застапуваат и за кои ќе се борат. Огромни промени може да направи нашиот глас. Екологија, едукација, образование, ретки болести, култура, хуманитарна работа… Има многу за работа. И ние како јавни личности можеме да направиме огромно влијание. Не само да се приклучуваме кон постојните каузи и кампањи, туку да создаваме свои за кои ќе се бориме. Се надевам дека во следниве години ќе се случи повеќе лица од јавната сцена да почнат со општествено одговорна работа.

Влезе и во модните води. На пазарот промовираше чевли со твој потпис. Дали оваа модна приказна има свој продолжеток ?

– Не, таа приказна нема да продолжи, најмногу поради мојот хроничен недостиг од време. Имавме прекрасна приказна со Шевро од Куманово, која за жал траеше само една сезона. Во Македонија како земја, и како економија, има многу мал простор да се направи сериозен бизнис од такво нешто. Мал пазар, а многу сиромашни луѓе… и тоа е тоа.

Дали ќе нè изненадиш со нов бизнис-ангажман?

– Можеби во следнава година, 2019… оваа година фокусот е на „Проект среќа“ и на моето семејство. Сметам дека секој човек има повеќе таленти и потенцијали, и треба во текот на животот да проба и да најде начин да се реализира и да ги оствари своите соништа. Дел од моите детски соништа се веќе стварност. Се занимавам со музика и им помагам на сиромашните деца. Би сакала бројката на деца на кои ќе им помагаме да ја триплираме и да му помогнеме на секое дете, кое заради некакви околности го нема квалитетот на живот што секое дете заслужува да го има. За тоа да се оствари треба уште многу работа и уште многу компании што ќе нè поддржуваат. Токму тоа е мојот фокус, кој не е бизнис-фокус, но е мој таргет и моја желба.

Колку мајчинството те смени како личност, се сеќаваш ли на „претходниот живот“ и што сè се смени од тогаш до сега?

– Уф… целиот концепт на живеење се менува кога во семејството ќе пристигнат деца. Особено кога е повеќе од едно. Сите планови се вртат околу нив и нивните желби и потреби. Спонтаноста речиси и да ја нема, што мене, можеби, најтешко ми падна, бидејќи уживав да сум спонтана во секојдневието. Ме смени мајчинството, многу… станав многу поодговорна и пофокусирана. Поефикасна, бидејќи знам дека нештото мора да е брзо завршено за да стигнам навреме дома, за нивниот ручек, и дружба… Одморите со деца се повеќе „замори“, од одмори. Постојано си на штрек и трчаш по некое од децата, исполнуваш желби и се грижиш дали е сè во ред… Но во сето тоа има една таква убавина која јас, од оваа перспектива, не би ја менувала за ништо на светов. Благословена сум со два сина, две златни деца, и благодарна до бескрај за тоа. Од „претходниот живот“ се сеќавам на слободно време, кое е сега непостоечко… на моменти кога не сум имала ништо за правење, што сега е мисловна именка. Понекогаш се прашувам, како сум можела да живеам така, трошејќи го времето залудно… Кога си мајка, со плус неколку работни ангажмани, сфаќаш дека времето е всушност најскапото нешто.

 

Дали некој од синовите пројавува музички талент?

– За жал, не. Максим е прилично музикален, но тој не сака да пее… А за Матео е рано да кажеме, со оглед на тоа дека има 2,5 години.

Пејачка си со став. Досега на социјалните мрежи без влакна на јазикот говореше за талент-шоуата, за јавните личности, но и за третирањето на српската и хрватската естрада на сметка на македонската. Кој е твојот став што естрадата се подели за настапите за прославата за членството во НАТО? И кога пеат за изборите, се крева прашина. Ти настапи во Кавадарци.

– Тоа што така јавно и гласно често говорев не знам дали е нешто позитивно или негативно. Сметам дека јавната личност мора да има став околу прашањата што го засегаат општеството во кое живее. Особено, не смее да нема став, за тешки ситуации, какви што ние со години имавме… Но тоа е само мое мислење. Не знам што точно се случи со настапите за поканата за влез во НАТО, но ако ви ги покажам сите закани што ги добив тие четири дена во пораки на социјални мрежи, ќе ви се заледи крвта. Притисокот што опозицијата го правеше со организирано праќање закани од огромен број лажни профили, и некои реални, беше ненормален… тоа требаше да се издржи.

Лејла Сабит