Кривични пријави за 11 лица од Центарот за социјални работи кои не го заштитиле девојчето

Кривични пријави против 11 лица и 12 иницијативи за дисциплински постапки покренува Министерството за труд и социјална политика, по случајот со малолетната Р.И, која абортираше по низа сексуални злоставувања во време кога била штитеничка на ЈУ „25 Мај“.

„Врз основа на записникот и извештајот од извршениот вонреден инспекциски надзор од страна на Социјалната инспекција при
МТСП, Министерството ќе поднесе кривична пријава до ОЈО против одговорните лица во Центарот за социјална работа – Скопје за ,,несовесно работење во служба’’ (по член 353-а, став 1 од Кривичниот законик на РМ), како и против стручни лица вработени во Центарот, за кривично дело ,,запуштање на малолетно лице’’, (по член 201 од КЗ) и за ,,несовесно работење во служба’’ (по член 353-а, став 1 од КЗ). Оваа пријава ќе биде покрената против сите лица кои биле задолжени да постапуваат и преземаат службени дејствија по предметот на малолетната Р.И. во периодот од 2012 – 2017 година“, соопштија од Министерството.

Исто така, од страна на инспекторите се поднесени 12 иницијативи за покренување дисциплинска постапка против стручни лица, согласно со Законот за работни односи. Поведени се и 13 постапки за сторени прекршоци од страна на стручните лица во постапувањето во овој случај, согласно со Законот за социјална заштита.