Кривичниот суд и за време на летните одмори ќе работи на итни и на притворски предмети

Кривичниот суд во Скопје и за време на судската ферија, од 15 јули до 15 август, ќе работи на итни и на притворски предмети, велат за МИА од Судот.

Оттаму посочуваат дека судиите и вработените во овој суд користат годишни одмори според претходно направен распоред. Во контекст на тоа додаваат дека судската ферија не значи оти во овој период Кривичен суд воопшто не работи.

– За време на годишните одмори во Судот секогаш има дежурен судија на претходна постапка и дежурен кривичен совет, а работат и останатите служби за издавање уверенија, посочуваат од Кривичен.

За итни предмети се сметаат случаите во кои се инволвирани странски државјани, како и предмети за кои обвинителствата можат да побараат неодложно спроведување на постапката.

И покрај тоа што судската ферија почнува на 15 јули, следната недела се закажани судски рочишта за предметот на Специјалното јаво обвинителство „Труст“, што е во фаза на завршни зборови.

Веднаш по завршувањето на одморите, на 16-ти август, е закажано рочиште за  обвинетите во предметот на СЈО „Титаник“.

Минатото рочиште за овој случај, што требаше да се одржи на 3 јули беше одложено поради неприсуство на обвинетата Гордана Јанкулоска која, како што извести нејзината адвокатка Сања Алексиќ се наоѓа во болница по породувањето.

Судијата Осман Шабани тогаш рече дека обвинетата Јанкулоска има право 45 дена да не биде повикувана на судски рочоишта, поради што го одложи судењето за „Титаник“ за 16 август.

Во „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.

Кривичниот суд досега има донесено пресуди за обвинети предметите на СЈО „Триста“, „Тенк“, „Тифани“, „Таргет-Тврдина“ и „Насилство во општина Центар“.

На 22 мај Кривичниот суд му изрече пресудата од  девет години затвор на поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски за злоупотреба на службена должност во врска со јавната набавка на 300 возила во случајот „Триста“.

Поповски беше обвинет дека со јавната набавка на 300 возила за МВР го оштетил буџетот за 453.570 евра. Според СЈО, Поповски незаконски доделил договори за купопродажба и одржување возила на Порше Македонија ДООЕЛ Скопје, Ка-Дис ДОО Скопје, Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје, Колевски ДОО Скопје и Авто Куќа ДОО Скопје избрани како економски најповолни понуди.

Ден потоа, на 23 мај, поранешниот премиер, обвинет за набавка на луксузниот „мерцедес“ во предметот „Тенк“, Никола Груевски доби две години затвор за примање награда и противзаконско влијание, а поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски доби шест и пол години затворска казна за злоупотреба на службена должност и овластување.

Во случајот „Тенк“ обвинета е и поранешна министерка за внатрешни работи Гордана Јанколоска. За неа постапката во овој случај е одвоена поради породувањето. Ново рочиште е закажано за по одморите, на 29 август.

Условна казна од две години затвор ако во наредните четири години не стори кривично дело доби новинарката Ивона Талевска за даночно затајување во случајот „Тифани“. Судењето за овој случај на СЈО се одржа во еден ден, бидејќи Талевска призна вина. Судот ја изрече пресудата и ја задолжи Талевска во рок од една година да го врати данокот во износ од над два милиони денари.

Во обвинението е наведено дека Талевска за наводни потреби на фирмите купувала мебел, велосипеди, врати, теписи, шминка и облека со цел да одбегне значителни даночни обврски.

Прв предмет на СЈО за кој Кривичниот суд донесе пресуда во ноември минатата година е „Тврдина – таргет“. Еден од обвинетите врз основа на признание на вина е осуден на условна казна затвор во траење од шест месеци, доколку во рок од две години не стори друго кривично дело.

Лицето е осудено за делото „помагање на сторител во извршено кривично дело“. Обвинетиот барал раздвојување на постапката со цел побрзо завршување, економичност и целисходност. Од СЈО, не го откриваат идентитетот на обвинетиот на негово барање. Единствено што може да се каже е дека лицето било одговорно за бришење на логови од системите за прислушување, што го потврди и експертот од компанијата „Ериксон“.

Во овој предмет обвинети се и бегалците Горан Грујевски и Никола Бошкоски, како и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, неговиот шеф на кабинет, Тони Јакимовски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и уште шест лица.

И во предметот на СЈО „Насилство во Центар“ условни казни добија четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски, откако признаа вина пред Судот.

Во овој предмет обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, екс советничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште деветмина други лица, во врска со немирите пред општина Центар на 10 јуни 2013 година. За седмообвинетиот Димче Крстев, пак, се води одвоена постапка.

И уставните судии од 15 јули се на судска ферија. Следната седница на Уставниот суд ќе биде по 1 септември, кога судиите се враќаат во полн состав и ќе продолжат со работа.

Како што велат од Уставен за МИА, во периодот од 15 јули до 1 септември нема да се одржуваат седници, но сепак службите во Судот ќе работат.

Од Врховниот суд велат дека за време на феријата се постапува по предметите за кои судовите се обврзани со закон да постапуваат.

– Службите на Врховниот суд на Република Македонија и на сите судови се редовно работно ангажирани. Само Законот за судови предвидува во кои постапки судовите не смеат да постапуваат, а во кои мораат да постапуваат, велат од Врховниот суд.

Оттаму посочуваат дека по завршувањето на судската ферија Врховниот суд на Република Македонија ќе продолжи да постапува по сите предмети кои се во работа според редослед предвиден со Закон и Деловник.