Кривичен суд: Судските служби прават обиди за доставата на решението до Груевски

Судските служби во текот на денешниот ден прават нови обиди да го достават решението на Кривичниот совет, со кое се одбива жалбата против решението на судија за извршување санкции за одложување на двегодишната затворска казна за Никола Груевски, со што би се комплетирала доставата.

Доколку доставата не се комплетира, како што е наведено во соопштението од Кривичниот суд, судијата за извршување снакции може да презме дополнителни мерки согласно Законот за извршување санкции.

Од Основниот суд Скопје 1 информираат дека од КПУ Затвор Скопје – Скопје до Судот денеска било доставено известување дека обвинетиот во предметот со КОК бр. 59/17 од обвинителството означен како „Тенк“, се уште не се јавил на издржување на правосилно потврдената казна.

Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 ги одби во петокот жалбите на Груевски и неговите адвокати и го потврди решението на судијата за извршување санкции со кое поранешниот премиер треба да се јави во затворот за издржување двегодишна казна за предметот „Тенк“.

Собранието на Република Македонија во петокот не му го одзеде пратеничкиот мандат на Груевски зашто немаше двотретинско мнозинство.