Коѕијас: Три земји бараат одложување на преговорите со Македонија

Вкупно 25 земји-членки се спремни ЕУ да отпочне пристапни преговорите со Македонија и со Албанија, од сега па до летото 2019 година, додека три земји, Данска, Франција и Холандија се залагаат прочесот да се одложи. Ова го изјави грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, излегувајќи од Советот за општи работи во Луксембург.

Грчкиот министер објасни дека има две поделени групи во дебатата што се одржа во Советот. Едната од нив имаше мнозинство од 25 земји-членки кои се спремни да отпочнат преговорите со Македонија и со Албанија од сега па до летото 2019 година. Од друга страна, Данска, Франција и Холандија сакаат да ги одложат.

Излегувајќи од состанокот, Коѕијас истакна дека им објаснил на колегите на најјасен начин дека геополитичката ситуација во регионот бара помош за овие две земји, а не одложување, и дека внатрешната ситуација во двете земји бара стабилност и безбедност а не создавање нови проблеми. Грчкиот министер истакна дека сега се разговара за компромис што ќе овозможи отворање на поглавјата од преговорите за пристап до летото 2019 година.

“За нас е важно да го направиме тоа со сегашната Комисија, која добро ја познава ситуацијата и проблемите“, рече тој. Подвлече дека со популизмот, од кој стравуваат некои земји, не може да се бори со чекори наназад. Тој, како што рече, го разбира приоритетот даден од страна на некои земји за продлабочување внатре на Унијата, но продлабочувањето може да се направи заедно со проширувањето.