Коѕиас сака забрзување на преговорите

Министерот за надворешни работи на Грција  се сретнал со еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, кој се интересирал за преговорите за името со Македонија. Според оценката на Коѕиас, треба да се забрзаат преговорите бидејќи одлуката новата средба да се одржи на крајот на јануари него му изгледа многу далеку.  Околу  евентуална средба Ципрас Заев, Коѕиас за Канал 5 рекол дека грчкиот премиер е секогаш отворен за средби, но за нормална и официјална потребно е прво да има некаков напредок, за таа да има смисла и содржина, па дури и јавно ништо не се каже.

Според Коѕиас  Грција ја поддржува нашата европска перспектива, но  најпрво треба да се решат две работи. Првото е да постојат нови мерки за градење доверба, но не економски или практично мерки, туку од наша страна треба да постојат знаци дека иредентизмот не е неопходна алатка за надворешна или внатрешна политика. А второто е името и се што се поврзува со него.  Коѕиас рече дека Грција ја интересира името, а за Македонија прашањата поврзани со идентитетот. Сепак, порача дека може да се најде решение за сите прашања, ако сакаме и ако можеме.

Коѕиас изрази зачуденост за натписите во грчките медиуми кои излегоа со конкретни предлози за името, во моменти кога во Брисел воопшто не се ни одржа средбата на Нимиц со преговарачите поради лошото време. Рече дека прочитал за резултатите од средбата која што никогаш не се ни одржала.