Костадинов: Иванов десет години дејствуваше како марионета на Груевски

Последното обраќање на Иванов во себе има една добра и една веќе позната вест за граѓаните. Добрата вест е дека тој си оди, а веќе позната вест е дека и во ова обраќање ја потврди неговата улога на антизападен и антинароден елемент, изјави портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов.

– На дрзок и безобразен начин, Иванов ги навреди, ги понижи и ги деградираше пратениците, а со тоа и сите граѓани. Иванов може да зборува само за неуспехот во неговите два мандата, рече Костадинов по годишното обраќање на Иванов во македонското Собрание.

Оцени дека со повикот за бојкот на референдумот, Иванов отворено застанал против интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО, а со непотпишувањето на Законот за јазиците ги погазил уставните должности и застанал против концептот „едно општество за сите“.

– Во своите два мандата, Иванов ниту еднаш не излезе во јавноста за некое клучно и важно прашање за граѓаните или за интересите на државата. Не кажа ниту еден збор за гушењето на демократијата, молчеше за затворањето на медиумите, за кршењето на човековите права, за криминалот на власта на Никола Груевски. Десет години, Иванов дејствуваше како марионета во рацете на Груевски и свесно одработуваше за него и партиските интереси на режимската ВМРО-ДПМНЕ, подвлече Костадинов.

Додаде дека Иванов не верува во сопствената држава и оти лажно зборува дека е загрижен за перспективите на младите бидејќи дејствувал против членството на Македонија во ЕУ и НАТО.