Користењето на аудиовизуелни содржини во образованието е потребно


Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“ ги изнесе заклучоците од Меѓународната конференција „Аудиовизуелно образование ‐ иднина или сегашност?“, која беше завршна активност на проектот „Ние сме визуелни ‐ едукација и аудиовизуелизација на човекови права“, финансиран од Европскиот инструмент за демократија и човекови права на Европската Унија, и на проектот „МакеДокс во училница“, финансиран од страна на Националната Фондација за демократија од Вашингтон.

На конференцијата присуствуваа 114 учесници од Македонија, Романија, Хрватска, Косово, Холандија, Германија, Босна и Херцеговина и Италија. Меѓу учесниците имаше наставници, ученици, членови на здруженија на граѓани, филмски автори и работници и претставници на образовни институции.

Користењето на аудиовизуелни содржини во наставата е присутно во сите земји од кои имаше учесници. Најчесто се користат документарни филмови и тоа како помошно нагледно средство во општествените науки и изучувањето на јазиците. Заеднички е заклучокот дека користењето на аудиовизуелни содржини во образованието е доста позитивно и потребно и треба да се превземат чекори за негово интензивирање.

„За огромниот потенцијал на аудиовизуелните содржини, односно филмот за распространување на информации, ставови и вредности до поширока публика е излишно да зборуваме. Тој потенцијал во минатото и сегашноста честопати и се злоупотребува – за пропаганда, за поттикнување омраза и насилство, но замислете колкави се можностите за поттикнување на критичко промислување, отворени ставови, почитување на човековите права и мултикултурализмот. Внесувањето на авторскиот – креативен документарен филм во училиштата, покрај информативната вредност носи и сознанија и слики од различни делови од светот, нуди различни перспективи од востановените, поставува прашања, отвора простор за дискусија. Креативната документарна форма е тренд во светот и ние, преку овој пристап на ’МакеДокс‘, можеме да се пофалиме дека сме во чекор со тој тренд“, рече министерот за култура, Роберт Алаѓозовски на конференцијата.

Бирото за развој на образованието во рамките на својата дејност за развој и збогатување на воспитно-образовниот процес во повеќе наврати покажа дека го поддржува и се залага за употребата на визуелизацијата и на дигиталните содржини во образованието, додека Агенцијата за филм потенцира дека спроведувањето на ваков вид настава не само што ќе придонесе за поефикасен едукативен процес, но и ќе влијае и кон зближување на младите кон оваа форма на уметност и стекнување знаења за истата, од каде може да произлезат и квалитетни автори во филмската дејност.

На крајот од меѓународната конференцијата се формираа работни групи на кои се дефинираа позитивните аспекти од користењето на аудиовизуелни содржини во образованието и чекорите кои сите засегнати страни треба да ги превземат за негова поголема интеграција.

На конференцијата беа дефинирани следниве позитивни страни од употребата на аудиовизуелни содржини во образованието: Поттикнуваат дискусија, креативност и критичко размислување; Овозможуваат поголема инклузивност и инволвираност на сите ученици; Овозможуваат полесно и подобро разбирање, совладување и помнење на содржините; Зголемен е интересот и концентрацијата на часовите; Зголемена е мотивацијата и интеракцијата и кај учениците и кај наставниците; Овозможуваат пренесување на позитивни вредности, ставови и норми; Поттикнуваат емпатија и емоционално учење; Ја подобруваат атмосферата и односот кон наставата и часот.

Како најчести пречки за користење на аудиовизуелни содржини во наставата беа посочени: Немањето на технички предуслови во училиштата (компјутер, проектор, интернет, адекватна простотрија). Истите или ги нема или ако ги има не се достапни или се во лоша состојба; Недоволната „стручност“ или спремност на наставниците да користат вакви содржини во наставата; Недостиг или недостапност на аудиовизуелни содржини адекватни за наставните планови, со адекватна должина за час (максимум 15 минути), на адекватен јазик или со обезбеден превод; Немање на поддршка од управата на училиштата за користење на аудиовизуелни средства.

Проектот „Ние сме визуелни! Едукација и визуелизација на човековите права“ започна како партнерски проект меѓу „МакеДокс“, „Студиорум“ од Скопје, „Документ“ од Глазгов, Нирнбершкиот меѓународен филмски фестивал за човекови права и филмскиот фестивал „Филмови кои значат“ од Амстердам, со цел да ги унапреди човековите права во образованието преку употреба на документарни филмови.

„МакеДокс во училница“ е проект кој има за цел да ја поттикне употребата на документарни филмови во формалното образование, како и развојот на едукативни материјали кои ќе го олеснат разбирањето на темата и прашањата што овие филмови ги отвораат.