Координативен состанок за план за имплементација на Законот за јазици

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска свика координативен состанок со претставници од повеќе ресори и институции, со цел координација, следење и известување за текот на имплементацијата на Законот за употреба на јазиците.

Како што информира Секретаријатот за европски прашања, Османи на средбата истакнал дека имплементацијата на Законот за јазици е комплексна и обемна операција, за чија успешност е потребно да се формира работна група – координативно тело со задача да координира, мониторира и известува за текот на имплементација на законот.

Притоа, како што информира СЕП, Османи посочил на законските рокови за усогласување со одредбите од Законот и бројни институции кои во соодветен временски рок треба нив да ги спроведат и да овозможат соодветна употреба на албанскиот јазик.

На координацијата е заклучено да се изготви конкретен и прецизен план на активности, со соодветни рокови и критериуми за реализација, со што ќе се овозможи полесна и попрецизна контрола врз имплементацијата на Законот.

На координацијата присуствувале и министерот за образование Арбер Адеми, пратеникот Артан Груби, поранешниот министер за правда Билен Салији, како и претставници на институции и експерти.

-Планот за имплементација на Законот за употребата на јазици се очекува да биде разгледан на правата владина седница, а Османи веќе најави и меѓународна донаторска конференција за размена на мислење, искуство и координација на поддршката за имплементација на законот, наведува СЕП.