Комисијата за европски прашања ја отвори расправата за Изборниот законик

Во тензична атмосфера собраниската Комисија за европски прашања попладнево ја започна седницата на која единствена точка на дневен ред беа измените на Изборниот законик по скратена постапка. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ доставила над 400 амандмани за законот.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ процедурално побараа седницата да се прекине, а точката  да се тргне од дневниот ред, бидејќи, како што посочија, не постојат деловнички услови таа да продолжи.

Како што нагласи Илија Димовски пратениците од ВМРО-ДПМНЕ имаат поднесено одреден број амандмани кои што не се архивирани од собраниската служба, а не им се доставени на претседателот на Комисијата, на нејзините членови и на претставниците на Владата за да може да се изјаснат по нив, ниту пак се преведени на албански јазик.

– Ова е правно насилие во Собранието што го правите на дневна база и и луѓето го гледаат тоа. Ова е класично безвластие. Во ова Собрание само двајца луѓе се битни – Артна Груби и Талат Џафери, никој друг не е битен. Апелирам за прекинување на седницата без утврдување на дневниот ред и без отворање на точката на дневниот ред. Изборниот законик никогаш дури и во најлошите години не бил донесен без присуство на опозицијата, рече Димовски.

На ова претседателот на Комисијата, Груби одговори дека бил постигнат договор и за седницата биле известени координаторот и заменик координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев  и Горан Цуклев. Таквите тврдења на Груби ги отфрли Цуклев.

Потоа Груби го стави на гласање дневениот ред кој доби подршка од осум членови на Комисијата. Седницата беше затворена веднаш со укажување од Груби дека дебатата ќе продолжи согласно собранискиот Деловник.

– Дебата за оваа точка од дневниот ред ќе се одржи според членот 171 од Деловникот. Има над 400 амандмани за овој закон, рече Груби и додаде дека седницата дополнително ќе ја закаже откако ќе бидат преведени амандманите.

Од денес течат роковите за расправата на седница, која според Деловникот трае два дена.

Во изјава за новинарите Груби остави можност седницата да заврши утре.