Кои луѓе на Груевски ќе останат во тимот на Мицкоски?

Новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, според неофицијални информации од партијата, веќе го селектира новиот состав на извршниот комитет, кој би бил официјализиран по божикните празници или најдоцна до крајот на годинава. Тогаш, според најавите, би бил именуван и нов генерален секретар на најголемата опозициска партија – функција што во изминатите месеци ја извршуваше токму Мицкоски.

По конгресот во Валандово, распуштен е стариот состав на ИК на ВМРО-ДПМНЕ чии членови беа предложени од претходниот партиски претседател Никола Груевски. Сега се најавува дека Мицковски, при составувањето на новото најтесно партиско раководство, ќе внимава да одржи баланс со тоа што во својот тим ќе вклучи и дел од постарите функционери на ВМРО-ДПМНЕ, но и нови имиња, согласно новите политики и начин на дејствување што ги најави.

Сепак, според информациите, ограничувачки фактор за Мицковски е отпорот на кој наиде кај дел од поискусните функционери и пратеници за време на вонредниот конгрес. Како резултат на тоа се случи и првата кадровска смена во рамки на ВМРО-ДПМНЕ, кога Илија Димовски се повлече од координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, така што на тоа место експресно беше именуван Владимир Ѓорчев.

Претходниот состав на ИК на ВМРО-ДПМНЕ беше избран набрзо по партискиот конгрес во Куманово, каде што Груевски беше третпат реизбран за лидер. Тогаш, во највисокото партиско тело, меѓу другите, влегоа Мартин Протуѓер, Никола Тодоров, Никола Попоски, Зоран Ставрески, Сашо Мијалков, Владимир Пешевски, Гордана Јанкуловска, Антонио Милошоски, Илија Димовски, Коце Трајановски, Миле Јанакиески, Даниела Рангелова… Не се исклучува некои од нив да останат и во новиот ИК, иако, според информациите, намерата е во ова партиско тело да влезат повеќе нови имиња.

Освен тоа, Мицкоски најави и промени во партискиот Статут, со цел, како што беше соопштено, зацврстување на партиските органи, нивната независност и дополнителна демократизација на партијата. Отворена е и можноста новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ да именува двајца или тројца потпретседатели на партијата – функција што Груевски не ја пополнуваше повеќе години наназад.

По празниците, се очекува ВМРО-ДПМНЕ да пресече и дали ќе се врати во парламентот за да учествува во реформскиот процес или, евентуално, ќе продолжи со протестите за поддршка на притворените за собраниските настани на 27 април, кои се во прекин по смената на партиското кормило. Соговорници од партијата велат дека ВМРО-ДПМНЕ нема дилема дека нејзиното место е во парламентот, за да ги застапува интересите на своите избирачи. Сепак, од партијата посочуваат дека обврска на владејачкото мнозинство е да обезбеди демократска атмосфера за работа во законодавниот дом.

„ВМРО-ДПМНЕ како партија нема донесено ниту одлука за напуштање на парламентот. Ние немаме дилема дека нашето место е таму, особено ако се има предвид дека практично бевме победници на парламентарните избори. Но владејачката гарнитура треба да создаде демократски амбиент во Собранието, а тоа не е можно во ситуација кога 12 проценти од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се во притвор и се прогласени за терористи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија дојдоа деновиве најави за предлог-закон за амнестија за осомничените за настаните во парламентот на 27 април минатата година. Законот би бил поднесен во парламентот преку пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата нема потврда дали овој закон ќе биде аргумент за враќање на опозицијата во собраниските клупи, по повеќе од еден месец тивок бојкот. (А.М.М.)