Ковачев: Пратениците од опозицијата кои гласаа “за“ не треба да бидат казнети

Бугарскиот европратеник од Европската Народна Партија, ЕПП, задолжен за Западниот Балкан, Андреј Ковачев во разговор со МИА вели дека за ЕПП е неразбирлива одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да ги исклучи пратениците кои гласале “за“ договорот од Преспа.

-Тоа е за нас чудно. Ние секогаш сме ја поддржувале европската иднина на Македонија и сакаме да почнат преговорите со ЕУ, и тоа беше за нас единствениот начин да се случи. Ние не можеме да прифатиме да се казнат тие луѓе кои и дале на земјата можност да продолжи напред по европскиот пат и да не биде блокирана како што беше во последните десет-единаесет години, вели Ковачев.

Тој вели дека со исклучените пратеници немал никаков контакт, ниту ги познава лично, но вели дека е нормално што за Договорот од Преспа гласале оние кои ја поддржуваат евроатлантската иднина на државата. Бидејќи, вели тој, нема сериозна алтернатива за ЕУ и НАТО освен Преспанскиот Договор.

-Што предлагаат тие кои сметаат дека не треба да се гласаат измените? Која е таа алтернатива за иднината на Македонија? Да направат нов договор со Грција? Тоа ли е алтернативата, после 30 години невозможност да се склучи договор, сега таа шанса да се испушти?, прашува европратеникот.

-Мислам дека треба да се примени договорот, а тие кои се против треба јасно и точно да одговорат на прашањето за алтернативата. Но, не со комични одговори од типот “ние ќе направиме нов договор со Грција“. Жалам, но познавајќи ја грчката политичка активност во последните 30 години,  на тие луѓе треба да им се постави прашањето : “со кој точно во Грција ќе направат таков нов договор“?, вели Ковачев.

Според него, постигнување подобар договор со Нова Демократија е “апсолутно нереално“.

– Сум водел неколку разговори со Мицотакис и од тие разговори и со колегите од Нова Демократија мислам дека е научна фантастика, нереално.

Европратеникот додава дека доколку не се изгласа Преспанскиот Договор, никој не треба да се надева дека Брисел или Вашингтон ќе вршат притисок врз Атина во иднина.

На претстојниот Конгрес на Европската Народна Партија, што ќе се одржи во Хелсинки на 7 и 8 ноември, ќе им се повторат истите пораки на ВМРО – ДПМНЕ- дека ЕПП го поддржува Преспанскиот Договор и европската иднина на Македонија, вели Ковачев.

-На ВМРО-ДПМНЕ ќе им биде повторено и се надеваме на посериозно разбирање. Кога си против нешто, треба да објасниш за што си и тоа да биде реално, нешто што може да биде постигнато, а не нешто што ќе ја блокира и може да ја доведе во прашање иднината на државата, порача Ковачев.

На престојниот Конгрес во Хелсини, европските народни партии ќе го бираат и нивниот кандидат за претседател на Европската Комисија, или Шпиценкандидат. Кандидатите се Манфред Вебер, од германската ЦСУ и Финецот Александар Стуб. Бугарските членови принципиелно ќе застанат зад Германецот.

– Мојата партија, ГЕРБ, работи од многу години со ЦСУ на Баварија, тие многу нѐ поддржаа во создавањето на партијата и на структури, имаме прекрасна соработка со Манфред Вебер, пријател ни е и Стуб, на Конгресот се надеваме дека ќе имаме силен кандидат кој ќе стане претседател на ЕК. ГЕРБ по принцип е за Манфред Вебер, изјави Андреј Ковачев.