Карпош ќе гради адреналински парк со зиплајн

Општина Карпош ќе гради адреналински парк покрај кејот на Вардар во Карпош 4. Вештачката карпа за качување и скејт-паркот ќе бидат надополнети со зиплајн и неколку игралишта во песок, дел за деца и многу зеленило. Адреналинскиот парк, најавуваат општинарите, треба да започне да се гради во ноември, на потегот од вештачката карпа до бунарите на Вардар. Новиот комплекс ќе го опфати и веќе постојниот амфитеатар.

Зиплајнот ќе биде во должина од 400 метри и ќе се движи по периметарот на паркот. Ќе се гради и детско игралиште со многу забавни содржини, а делот за спортување ќе се дополни со фудбалско и одбојкарско игралиште на песок. Сите содржини ќе бидат заокружени со сквер кој ќе се простира на 140 квадратни метри. Дополнително, во план е целосна реконструкција на вештачката карпа и скејт-паркот.

-Целта е кејот на Вардар на овој потег да понуди содржини за сите генерации. Предвидуваме спортски зони за младите и за спортистите, рекреативни зони со многу зеленило за повозрасните и забава за најмладите. Ќе има и мини езерца, фонтани, патеки за пешачење, модерна урбана опрема, паркови за миленици…, нагласуваат општинарите.

Во моментот се финализира проектот кој го работи општината и се очекува да биде потпишан договор со Светска банка за обезбедување финансиски средства. Фудбалското игралиште на песок ќе биде со димензии 39 на 35,5 метри, а одбојкарското игралиште со 18,5 на 26 метри. Двете игралишта ќе имаат и трибини во четири реда. Според проектот, ќе има и околу 4.000 квадратни метри зеленило.

-Општина Карпош аплицираше за грант во висина од 892.000 евра, со тоа што сумата во следната фаза може да биде зголемена за 25 отсто. Средствата ги доделува Европската Унија, а имплементатор е Светска банка. Општината ќе учествува со свои буџетски средства во висина од 10 до 15 отсто од финалната одобрена сума, велат во Карпош.

Најрано, изведбата на адреналинскиот парк може да започне во ноември 2018 година. Договорот со финансиерот се очекува да се потпише на почетокот на идниот месец, по што ќе се распише тендер за изведувач. Активностите на терен ќе можат да почнат наесен, бидејќи, како што посочуваат од Општината, на потегот нема имотно-правни пречки. Очекуваат адреналинскиот парк да биде готов до крајот на 2019 година.

Сања Наумовска