Каранфиловска Пановска: Нема гаранција дека е прекинат надзорот на телекомуникациите

Извршната директорка на фондацијата „Отворено општество“ Македонија, Фани Каранфиловска Пановска, на отворањето на денешната 13. Меѓународна конференција „Е-општество“ во Скопје изјави дека се уште нема напредок во  контролирањето на комуникациите, што го констатира и Рајнхард Прибе во извештајот.

– Немаме никаква гаранција со оглед на тоа дека во извештајот се констатира дека во планот на надзорот на телекомуникациските системи нема никаков напредок. Немам никаква причина зошто да верувам дека тоа е прекинато. Можеби е, но не добивам таков впечаток од ниеден од пишаните документи и материјали од тоа како течат процесите. Со самиот факт што сега допрва Министерството за внатрешни работи покренува иницијатива за нов закон за оперативно техничка агенција што ќе треба да го преземе овој дел од УБК на друго место покажува дека таму поставеноста и пристапот до информациите и телекомуникациските системи не е променет, изјави Каранфиловска Пановска.

Посочи дека законските измени се само инструментот, но суштината е многу сериозна и дека фондацијата ќе продолжи да се залага и да ги поддржува граѓанските организации сериозно да го следат процесот на изготвување и спроведување на реформите од овој, како што рече, голем реформски пакет.