Каракамишева го засени Мицкоски

Кога во средата околу 18 часот на лидерската средба во Клубот на пратеници претседателот на ВМРО-ДПМНЕ дојде во друштво на Тања Каракамишева-Јовановска, многумина не успеаја да го сокријат изненадувањето. Се поставуваше прашањето -зошто покрај тројца потпретседатели, генерален секретар, четириесетина пратеници, сегашни и поранешни функционери, Христијан Мицкоски одлучи со себе да ја доведе професорката по уставно право и политички систем на Правниот факултет во Скопје? Каракамишева изминатиов период се прокламира како жесток критичар на политиките на актуелната влада и уште пожесток поддржувач на политиките на сегашната опозиција, но малкумина од изненадените знаеја дека од февруари годинава таа е претседател на Комисијата за политички систем на ВМРО-ДПМНЕ. Беше назначена на седница на извршниот комитет и тоа во едно од првите заседавања на новиот состав, формиран кратко по устоличувањето на Мицкоски за наследник на Никола Груевски.
„Идејата беше до претседателот да биде личност која одлично ги познава правните работи, имајќи предвид оти темите на разговор на лидерската средба беа исклучително од таков аспект: прашањето за Државната изборна комисија, референдумот за името, враќањето на пржинскиот модел за влада… Поради тоа, тој и во двата дена беше придружуван од Каракамишева, која важи за искусен правник. Да беше поинаков форматот на средбата, барем 1+2, тогаш покрај нив ќе беше и потпретседателот Александар Николоски. Вака, предност ѝ беше дадена на Каракамишева“, објаснуваат за „Независен весник“ извори од ВМРО-ДПМНЕ.
Професорката е активна на сите полиња, па и на социјалните мрежи. Деновиве активно ги критикува точките од склучениот договор за името со Грција. Јавно се залага за бојкот на референдумот.
Во сенка на состанокот и можната разврска на актуелната политичка криза, со што, барем за миг, би се откочиле блокираните процеси во пресрет на најавеното изјаснување на народот, во ВМРО-ДПМНЕ ги продолжуваат активностите од „Работното лето“. В недела е планиран уште еден митинг против владата на Зоран Заев, овој пат во Кичево. Конечната одлука требаше да биде потврдена на седницата на извршниот комитет закажана за доцна вечерта. Откако на чело на партијата е Христијан Мицкоски, одржани се четири поголеми собири низ земјава. Првиот беше во Скопје на почетокот од летото, по што партијата најави оти митинзите ќе ги прошири низ целата земја. Вториот во Битола се совпадна со роденденот на партијата, но уште поважно: со денот кога во Мала Преспа беше потпишан историскиот договор со Грција поради што дел од членството беше незадоволно од млаката реакција на партијата што себеси се декларира како најпатриотска. По протестите во Струмица и во Кавадарци, на ред е Кичево.
Според информациите до кои дојде „Независен весник“, потоа ќе следуваат две недели пауза од масовни собири поради летните одмори и празникот Илинден. Кон крајот на август планиран е уште еден митинг во Скопје, со што би се заокружил проектот „Работно лето“.
Во ВМРО-ДПМНЕ се соочуваат со сериозна дилема како да се постават во однос на референдумот. Од партијата брифираат дека се под сериозен притисок од меѓународната заедница, како и партнерите од Брисел и од Вашингтон активно да учествуваат на референдумот, па макар и гласале против договорот. Целта е да се извлече вмровското гласачко тело од дома и со тоа да се обезбеди потребниот цензус. Проценките на странскиот фактор е оти ВМРО-ДПМНЕ нема да може самото да освои повеќе гласови од здружениот блок на СДСМ и на албанските политички партии. Од друга страна, во самата ВМРО-ДПМНЕ има кругови што инсистираат на бојкот, па и напуштање на собраниските клупи и дејствување од улица.
Европските народни партии (ЕПП), во чиј состав е ВМРО-ДПМНЕ, а кои главно владеат низ Европа, даваат поддршка на договорот со Грција и ја туркаат Македонија во прегратките на ЕУ и на НАТО, што дополнително го стеснува маневарскиот простор на водечката опозициска партија во земјава. Интересно, и грчката опозиција предводена од Кирјакос Мицотакис е дел од ЕПП, а и тие се противат на спогодбата. Од Белиот дворец признаваат дека тоа е така, но напоменуваат оти пријателите однадвор имаат неколку причини зошто го прават тоа.
„Првата е што на сите тие интерес им е да се заврши еден бесмислен процес, кој ги оптоварува сите, па макар и не бил најдобар компромисот. Второ, добиваат погрешни информации од водачите во Скопје дека народот со двете раце ја поддржува оваа влада и оти договорот со Грција минува со ситни забелешки, како и тоа дека ВМРО-ДПМНЕ нема никаков рејтинг и не е моќна да направи проблеми. И трето, нашите партнери од странство, сепак, не живеат тука и не ги знаат најдобро нашите чувства, традиции, гордоста, непокорот… Тие доаѓаат и си одат, а ние остануваме тука да живееме. Не е сè исто“, коментираат нашите соговорници.
Низ јавноста деновиве проструи информација дека во ВМРО-ДПМНЕ почнале со силна кампања кај партиите од ЕП со цел да ја отфрлат поддршката на договорот поради што, наводно, партиски функционери тргнале во обиколка на Европа. Од партијата информираат дека единствено точно е дека пратеникот Влатко Ѓорчев бил во Берлин на семинар на Парламентарното собрание на ОБСЕ посветен на превенирање етнички конфликти.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски