Кампот за мигранти ќе чини 16 милиони евра, ЕУ плаќа

Министерството за внатрешни работи ќе го дислоцира Прифатниот центар во Гази Баба и ќе гради нов во близина на скопско Бардовци. Тој нема врска со населбата за бездомници што ќе се гради кај Визбегово во близина на Скопје. Ниту еден од овие два не биле кампови за бегалци како што со месеци се шпекулира, уверуваат од Владата.

Според документите до кои дојде „Независен весник“, изградбата на новиот центар кај Бардовци ќе чини 16 милиони евра. Европскиот партнери покриваат 14.570.000, а остатокот ќе го доплати Владата. Изградбата на модерниот центар за прифаќање на илегалните мигранти ќе биде во согласност со стандардите на ЕУ и заштита на правата на мигрантите.

„Оваа активност вклучува подготовка на комплетна техничка документација и спроведување на потребните постапки за јавни набавки, обезбедување на сите потребни дозволи од страна на корисникот, како и надзор над изградбата на работите. Мора да се обезбеди пристап со попреченост во просториите. Да се дефинира на целата опрема што треба да се набави од центарот за непречено функционирање и развој на тендерската документација. Важна е подготовката на стандардни оперативни процеси за Центарот за реципроцитет за илегални мигранти, за третман на бегалци, баратели на азил и други мигранти, со посебен фокус на жените, децата, лицата со посебни потреби и други ранливи групи мигранти. Да се обучи менаџментот на центарот и персоналот за управување со приемниот центар според меѓународните стандарди“, се наведува во дописот.

Имајќи предвид дека Прифатниот центар во Гази Баба и досега беше во надлежност на Министерството за внатрешни работи, МВР и сега е задолжено за реализација на проектот. Иако во јавноста сè повеќе се засилува притисокот дека станува збор за контроверзни кампови за бегалци кои треба да се отворат на македонска територија и во кои треба да се прифатат педесетина илјади лица, од „Илинденска“ и вчера уверуваа оти такво нешто нема да се гради.

„Да внимаваме на изразите. Во податоците што сте ги добиле убаво пишува дека станува збор за Центар за илегални мигранти, а не за бегалци од воените подрачја. Тие досега беа сместувани во Гази Баба, каде што немаше елементарни услови за престој. Сега ќе изградиме нов, каде што мигрантите што, меѓу другото, ќе побараат азил ќе добијат сместување според стандардите“, потенцираат од Владата за „Независен весник“.

Изминатиов период низ медиумите циркулираа различни документи со одобрени парцели, средства, катастарски измени, објави во „Службен весник“ каде што јасно се гледа оти ќе се градат кампови. Премиерот Зоран Заев постојано демантира, дури и пред неколку дена рече оти Македонија не може да си дозволи кампови за бегалци ниту, пак, тие би сакале да останат во нашата земја. Претходно, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска тврдеше дека во Прифатниот центар во Визбегово ќе се гради населба за бездомници, кои до неодамна живееле под Кале. И Општина Карпош се изјасни оти во урбанистичките планови за развој на Бардовци не е предвиден Прифатен центар за странци.

„Мила Царовска има проблем со реалноста, која вели дека на државната урбанистичка планска документација пишува Прифатен центар за странци, а не за бездомници“, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ.

Прифатниот центар во Гази Баба досега беше транзитна станица за патници од целиот свет кои во Македонија стигнале без лични документи. Има капацитет за сместување на 200 луѓе. Таму беа сместени и жртви на трговија со луѓе, дури и „пејачките“ од угостителски објекти во Полошко. Народниот правобранител постојано укажуваше дека условите таму се мизерни. Во моментов, таму се сместени десетина луѓе.

Горан Адамовски