Камионот за пресадување дрвја скапува на паркинг

Камионот за пресадување дрвја веќе две години стои на паркинг бидејќи е неупотреблив во градски средини. Машината што требаше да биде спас за стотици здрави дрвја што не мора да се исечат, туку можат да се преместат на друга локација, била употребена само еднаш, за да се преместат четири дрвја од Кејот на Вардар во паркот „Македонија“. Тогаш се покажало дека камионот е целосно неупотреблив во Скопје, од повеќе причини.

Директорот на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, Ардијан Муча, вели дека камионот е толку голем што е невозможно да се управува по градските улици. Уште поголем проблем за пресадување дрво со корен во Скопје се и подземните инсталации, кои се поставени многу плитко. За да преживее, дрвото мора да се извади со корен над 1,2 метар, а во делови од градов водоводот, канализациите и телекомуникациските врски се поставени многу повисоко.

„Камионот е наменет за отворени средини, каде што ќе може да се движи и да заврти лево и десно. Делот за ископ е долг до четири метри, а ако носи дрво, кое е уште четири до пет метри подолго, низ која улица во Скопје може да вози?“, прашува Муча. Поради плитки цевки за водовод и електрични кабли, објаснува, минатиот месец во Општината Аеродром морале да се исечат дрвја, иако се подготвувале да ги пресадат.

Заедно со камионот за пресадување, во еден од хангарите на јавното претпријатие, неупотреблив лежи и мултифункционален трактор. Со него може да се чистат канали, да се сечат дрвореди и да се чистат улици. Машината, вели директорот Муча, е тешка 7,5 тони и е небезбедно да се движи на трева бидејќи ќе пропадне.

Тој вели дека побарал дозвола од Градот Скопје да ги продаде двете машини и да го обнови возниот парк на претпријатието или, пак, да им ги даде на „Македонски шуми“ за одржување дрвореди на автопатите, а тие да му компензираат со опрема што му е потребна за урбана средина.

„На ‘Паркови и зеленило’ му треба функционален возен парк, нови камиони и правосмукалки, кои ќе ни одговараат според големината и капацитетот. Сега ни требаат неколку дена да ги изнесеме лисјата и гранките кога го чистиме Градски парк, затоа што на камионите стари по неколку децении им треба три часа да отидат и да се вратат од ‘Дрисла’“, вели Муча.

Двете машини заедно чинат околу 450.000 евра, а ги купи поранешниот градоначалникот Коце Трајановски во 2016 година.

Сања Наумовска