Кабинет на Иванов: Претседателот на РМ се злоупотребува идентично за Божиновски и Јанакиески

Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов соопшти дека се злоупотребува Претседателот на Република Македонија и ги негира изнесените наводи во службената белешка на УБК, наведувајќи дека не е побарана, ниту одржана средба со Кирил Божиновски, ниту со негов посредник. Негира и дека е остварена средба со посредник на Миле Јанакиески.

– Кабинетот на Претседателот на Република Македонија e згрозен од содржината на јавно објавеното решение за притвор на лицето Кирил Божиновски, каде се цитира идентична службена белешка на УБК, како и во случајот на Миле Јанакиески. На идентичен начин се злоупотребува Претседателот на Република Македонија. Единствената разлика во содржината на цитираната белешка е што во првиот случај се посочува на остварена средба со посредник на Миле Јанакиески, а во вториот на средба со посредник на Кирил Божиновски. Кабинетотот на Претседателот на Република Македонија јавно прашува дали сè уште незаконското следење на комуникации се прикрива со користење на измислени извори?, стои во реакцијата.

Кабинетот на Иванов ги повика Министерството за внатрешни работи и Управата за безбедност и контраразузнавање да одговорат врз основа на што се следат активностите на Претседателот на Република Македонија и неговиот Кабинет, од страна на УБК. Врз основа на ова, пишува понатаму во соопштението, „ги повикуваме собраниската Комисија за надзор над работата на УБК, Советот на јавни обвинители, Судскиот совет и Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации да утврдат одговорност за целиот случај и да го известат Претседателот на Република Македонија“.

-Кабинетот на Претседателот на Република Македонија нема добиено одговор за барањата упатени вчера, до министерот за внатрешни работи, до директорот на УБК и до претседателот на Основниот суд Скопје 1, за достава на службената белешка на МВР-УБК, која е со лажна содржина и наведува на сомневање дека се следат активностите на Претседателот на Република Македонија, а воедно е употребена како аргумент при определувањето мерка притвор на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Информираме дека за овој случај, Кабинетот на Претседателот на Република Македонија извести странски дипломатски претставници во Република Македонија, се наведува во дописот од Кабинетот на Иванов.