Кабинет на Иванов: Покана добивме откако заврши настанот

Од кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов ја демантираат владата дека добиле уредна покана да присуствуваат на денешната церемонија за подигање на знамето на НАТО.

„Поканата за присуство на претседателот Иванов ја добивме откако настанот заврши“, тврдат соработниците на Иванов за „Независен весник“.

На „Илинденска“ ги немаше ниту лидерите на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Христијан Мицкоски.

Од најголемата опозициска партија потврдуваат за „Независен весник“ дека Мицкоски добил покана од владата, но оти не можел да дојде поради неодложни работни обврски.

Од ДУИ, пак, велат дека поканите ги добиле вчеравечер во Собранието, а поради кусото време за организација, не било возможно Ахмети да ги откаже и одложи сите претходно закажани обврски.

„Секако дека не станува збор за бојкот, нема никаква позадина. Нашиот претседател е еден од најзаслужните за членството на Македонија во НАТО“, потенцираат од ДУИ за „Независен весник“. (Г.А.)