И Затуроска даде оставка, ама останува во ВМРО-ДПМНЕ

По Даниела Рангелова, и пратеничката Лилјана Затуроска се повлекува од Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ. Таа досега ја извршуваше функцијата генерален секретар, а по заминувањето на претседателката Рангелова, чувствувала обврска да ги следи нејзините потези.

„Како генерален секретар поставен од претседателката Рангелова сакам да изразам голема благодарност за довербата која ми ја даде во два наврати и правев се од себе за да ја извршувам функцијата најдостоинствено што можеше. Рангелова и тимот ја поставија Унијата на жени на високото скалило во партијата и така треба да продолжи.  Функцијата генерален секретар на УЖ на најголемата и најмоќната партија беше задоволство и предизвик да се извршува.  Давам оставка од оваа функција со искрени желби за уште посилни успеси на идниот тим кој ке ја предводи унијата. Стојам на располагање на мојата партија почитувајки ги и извршувајки ги одуките и активности кои ке ми бидат доверени во иднина. Да живее ВМРО-ДПМНЕ и УЖ на ВМРО-ДПМНЕ“, пишува Затуроска.

Таа ни изјави дека останува во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и дека ќе ги следи политиките и одлуките на нејзината партија, вклучително со ставот „против“ промена на уставот, согласно со договорот од Грција.

Претходно, Рангелова соопшти дека се повлекува, бидејќи не се согласува нејзината партија да биде изолирана. Во изјава за „Независен весник“, рече дека останува во партијата и нема да гласа за уставните измени за договорот со Грција.