И Груевски и Заев денеска се на суд

За денеска е закажан почетокот на судскиот процес за насилствата во општина Центар во кој првообвинет е поранешниот премиер и актуелен претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Во друга судница во истот суд, Основен суд Скопје 1, треба да се појави и актуелниот премиер Зоран Заев за случајот „Поткуп”.

Почетокот на двете судења досега неколку пати беше одложуван.

Судијката Татјана Михајлова го води случајот за шамарите во скопската општина Центар, а обвинителка е Фатиме Фетаи од Специјалното јавно обвинителство. Таа по неколкутте одложувања на почетокот на судскиот процес минатиот пат побара и стражарно приведување на обвинетите.

Апелацискиот суд во Скопје и за овој случај дозволи прислушуваните разговори да се користат како докази. Од објавените прислушувани разговои се слуша како Груевски нарачува насилства и кршење на општина Центар и шамари за тогашниот градоначалник Андреј Жерновски.

Во случајот „Поткуп“ Заев е обвинет за барање поткуп од 160.000 евра од струмички бизнисмен. За овој предмет сѐ уште не е донесена одлука на повисоките судови за тоа дали снимките од посебните истражни мерки ќе важат како докази. Судијка во овој предмет е Дијана Груевска – Илиевска.