Интервју со Јово Вангеловски: Нашата одлука за Грујевски и Бошкоски е чиста

Судијата Јово Вангеловски веќе една година е на претседателското столче во Врховниот суд во Скопје. Тој е највисокото место во правосудството и во времето додека владееше ВМРО-ДПМНЕ и сега со новата власт. Во интервју за „Независен весник“, Вангеловски вели дека одлуките на Врховниот суд за ексразузнавачите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, за „Монструм“ и за притворот на Сеад Кочан се исправни и објаснува зошто стои зад нив. Во разговорот со него се добива впечаток дека не ја исклучува можноста дека некои судии носеле одлуки под притисок на власта, но за себе постојано објаснува дека е „чист“ за сите случаи.

Европската Унија испрати порака дека мора да има пресуди за висока корупција, дека мора да се расчисти незаконското прислушување и крвавиот четврток. Дали македонското судство ќе ги испорача тие барања?

Тоа се судски предмети кои тековно се работат, ниту еден од тие предмети не е стигнат до Врховниот суд. За да стигне до Врховен суд, треба да има правосилна пресуда во Основен суд и во Апелација, па дури потоа стигнуваат предметите во Врховниот суд.

Ова е ваш втор мандат како претседател на Врховниот суд. Како ги оценувате состојбите во судството, дали Македонија ќе успее да воведе суштински реформи не само за големите судски предмети, туку и за пречките во судовите со кои се соочува обичниот граѓанин?

Јас сум судија од 2008 година и во првиот мандат имав целосен увид на состојбите, како што и сега имам целосен увид на состојбите. Јавноста може да ја оцени состојбата преку публикуваните годишни извештаи за работа на сите судови. Моја оценка е дека бројот на судските предмети е во постојан пад и во постојан пад се и заостанатите судски предмети, со што доаѓаме до заклучок дека се забрзува водењето на судските постапки. Тоа не значи дека нема судски постапки кои траат многу подолго од она што е вообичаено и што е некаков статистички просек, меѓутоа, сигурно дека се работи за посложени предмети и на таквите предмети, како и на старите предмети, им се дава приоритет. Имаме и посебни процедури кои се однесуваат на работа со стари предмети, со цел тие постапки колку што е можно побрзо да завршат. Во Врховниот суд имаме и Оддел за судење во разумен рок, кој од Европскиот суд доби позитивен извештај.

Како функционира новото тело за реформи во судството на чело со премиерот Зоран Заев?

Не се работи за совет за реформи, се работи за едно тело, по мое убедување, тоа е тело со определено времетраење во функција на имплементација на судските реформи. Јас од Врховниот суд именував судија кој работи и од кого добиваме извештаи како суд што се работи во тоа тело и тој добива насоки што треба да изнесе таму.

Вие сте немале средба со премиерот?

Сум имал, секако дека сум имал.

Што го советувате, како да го подобри судството?

Моите совети, меѓу другото, беа и за формирање на такво тело кое ќе ги следи состојбите, но исто така еден од моите совети беше интервенција во делот на Министерството за правда бидејќи таму имавме еден период на нефункционирање, имавме несоодветна личност за министер за правда. Сметам дека со министерката Дескоска значително ќе се подобрат тие состојби. Во делот на работењето на судовите, тоа е работа која е во нивна надлежност. Моето основно барање, не само од овој премиер, туку од сите влади со кои сум имал соработка како претседател на Врховниот суд, е почитување на законските обврски за финансирање на судството. Тоа е еден од поголемите проблеми. Ние имаме закон за судски буџет со кој е предвидено 0,8 проценти од БДП на Македонија да биде наменето за функционирање на судството, а последните реални состојби се 0,37 проценти од БДП да се одделуваат за судството. Претходно беше уште полошо. Тоа е апсолутно недоволно. Со самото тоа се отежнува работењето на судовите. Ние сега со судни маки исфинансиравме објавување билтен за судската пракса на Врховниот суд. Кога велам исфинансиравме, мислам на тоа дека добивме помош да се објави. Кога би имале средства, тоа би можело најредовно да се објавува бидејќи тоа е еден од условите за зголемување на довербата на граѓаните во судството, во чие име се носат судските одлуки. Тие треба да знаат какви пресуди носат судовите.

Во извештајот на работната група што вршеше увид во функционалноста на компјутерскиот систем беше констатирано дека во Врховниот суд распоредот бил менуван девет пати, а предметите се распределувале рачно.

Се работи за, најслободно ќе кажам, квазиизвештај кој е изготвен при посета на Врховниот суд од страна на комисијата, во траење од точно 35 минути. Комисијата која е формирана за контрола на АКМИС-системот, во која се ангажирани претставници од Врховниот суд, претставници од софтверската компанија која го изработи АКМИС, стручњаци од компјутерскиот сектор од Апелацискиот, од Врховниот суд работи веќе неколку месеци. Зборуваме за нешто што се работеле 35 минути и нешто што се работи со месеци. Сега пред неколку дена се стигна до анализа на состојбите за периодот од 2011 до 2018 година. Извештајот на таа комисија покажува дека во Врховниот суд нема ништо спорно, а и јас како претседател можам најодговорно да потврдам дека немало ниту еден предмет кој е рачно распореден. Притоа не велам дека можеби, еднаш и јавно изјавив дека е тоа така, од она што сум имал можност да го видам, дека во пониските судови немало рачно распоредување на предмети, но тоа е нешто што истата оваа комисијата дополнително ќе го утврдува.

Што е со менувањето на распоредот, сте го менувале девет пати?

Прво, таа комисија не е надлежна да го оценува распоредот кој го прави претседателот на Врховниот суд и претседателот на секој суд поединечно. Значи, се прави годишен распоред за работа, на почетокот на годината, врз основа на кој работи судот. Таму во извештајот стои дека е променет девет пати, јас ќе ви кажам дека непосредно после тоа распоредот беше сменет уште два пати, значи 11 пати таа година и тоа е работа на претседателот на судот од едноставна причина. Имало пензионирање на судија, тоа неминовно подразбира да се смени распоредот. Имало избор на нов судија, единствен начин да добие предмети тој судија е врз основа на измена на распоредот, морало да биде вметнат некаде да работи. Во распоредот покрај судиите се вметнати и советниците во судот кои работат со определени судии. Таа година имаше две породилни отсуства. Значи, тековно како што има промени, така се менувал и распоредот. Имавме и починат судија, за жал. Тоа беа причини зошто толку пати е сменет распоредот и секогаш во сите овие години и сите децении претходно годишниот распоред за работа кој го носеле сите претседатели на судовите неминовно морал да биде менуван од овие објективни причини. Освен тоа имаше повеќегодишно барање, инсистирање на еден судија да биде прераспореден од една на друга материја, кога условите тоа го дозволија беше направен и таков распоред. Но, секако, секоја измена на распоредот има своја процедура. Се држи седница на судии, од секој судија поединечно се бара мислење на која материја сака да работи, па се врши измена на распоредот, па ако некој судија е незадоволен има можност да поднесе приговор до општата седница на Врховниот суд. Од мојата досегашна пракса како претседател на Врховниот суд на моите одлуки за измена на распоредот и на овие 11 кои биле во таа година, имаше само еден приговор, кој општата седница со огромно мнозинство го одби.

Тој приговор беше од поранешната претседателка на Врховниот суд, Лидија Неделкова?
Не е битно, но да, тоа беше нејзин приговор.

Какви се вашите односи со Неделкова? Во еден период се препукувавте преку медиумите?

Како однос на претседател со судија. Во секоја институција постои можност за влошување на меѓучовечките односи, но меѓучовечките односи се едно прашање, а работењето и функционирањето на судот е друго прашање. Судијката Неделкова работи на онаа материја на која е распоредена и си ја остварува својата норма.

Дали се чувствувате одговорен за бегството на ексразузнавачите Горан Грујевски и Никола Бошкоски? Против вас се поднесени кривични пријави, се бара одговорност?

Тоа беше во јули минатата година, предметот стигна во Врховниот суд по жалба од тројца обвинети, против тројца беше определена мерка притвор, меѓу кои се и овие двајца кои се надвор од границите на Македонија. Жалбата беше разгледана во рок од 48 часа од моментот на комплетирањето на предметот. Бидејќи предметот стигна во петок, меѓутоа беше некомплетен, во понеделникот предметот беше докомплетиран и како таков веднаш беше земен на разгледување од советот кој одлучуваше по таа жалба. Во средата пред истекот на тие 48 часа беше донесена одлука со која жалбите се одбиваат за овие двајца обвинети. Која беше можната опција на Врховен суд? Ниту една друга, освен да се одлучува по жалба. Беше издадено решение за притвор од страна на Апелацискиот суд против кое беше вложена жалба. Врховниот суд не можеше ништо да одлучи освен жалбата да ја одбие, како што и направи, да ја прифати или евентуално да ја отфрли како недозволена. Постоеја дилеми во јавноста дали треба да биде отфрлена како недозволена или да се одбие. Советот на овој суд одлучи да ја одбие, сметаше дека е дозволена и во самата одлука има образложение зошто смета дека е дозволена, а причината е почитување на Европската конвенција за човекови права која на секоја граѓанин му го гарантира правото на жалба. Можете да замислите дека некого со одлука на суд го упатувате на притвор и не му давате право на жалба. Тоа е апсурдно.

Зошто чекавте до последен момент. Се направи еден правен вакуум и ним им се остави простор да избегаат.

Не можеше да се скрати времето. Врховниот суд одлучува во рок од 48 часа.

Зошто мораше да поминат 48 часа?

Убаво се сеќавам дека овде покрај ѕидот имаше кутии од еден кубен метар материјали од тој предмет. Мислите дека може да се реши еден таков предмет за три часа? Значи, совет од петмина судии мора да го разгледа предметот, мора совесно да си ја заврши работата и да донесе одлука. Најодговорно тврдам дека одлуката е донесена онака како што треба и дека е исправна. Прашањето за бегство воопшто не е прашање на Врховниот суд. Постојат други органи кои се грижат за достапност и недостапност на граѓаните
Вие го укинавте притворот за бизнисменот Сеад Кочан кој беше во бегство, против вас има поднесено иницијатива за Ваше разрешување?
Тоа е исто така судска одлука која е донесена од совет од пет судии. Тоа е одлука на Врховниот суд која мора да биде почитувана и е почитувана. Но, ако се сеќавате, по неговото враќање во Македонија, имавте можност да видите дека специјалното јавно обвинителство подготвуваше докази за тој предмет. Што е причината? Претходно, Врховниот суд го имаше тоа предвид кога го разгледуваше предметот, утврдивме дека барањето за притвор не е поткрепено со докази, а тоа е законска обврска на подносителот на барањето. И затоа не се одлучуваше сè додека не се комплетира предметот од страна на специјалното јавно обвинителство. Потоа судовите ја прифатија гаранција Кочан да се брани од слобода. Тоа укажува дека немало основа за притвор во времето кога предметот бил во Врховен суд.

Сегашниот премиер, тогашен лидер на опозицијата, објави прислушувани разговори во кој се слуша вашиот глас како разговарате со поранешниот министер за транспорт и врски. Јавноста доби впечаток, па и потврда, дека судските одлуки биле засновани врз договор со тогашните властодршци?

Во однос на релациите со извршната власт можам да ви кажам дека судската власт мора да биде независна и не смее да подлегнува на притисоци. Моите релации со тогашната, а и со сегашната извршна власт се на ниво на подобрување на состојбите во судството. За разговорот кој беше јавно објавен јас бев прв кој јавно кажа дека тоа е автентичен разговор. Станува збор за една многу вообичаена комуникација која секогаш постоела и ќе постои во иднина. Јас и сега разговарам со министри од сегашната влада и сега се случува, кога има потреба, наместо писмена комуникација, да има телефонска комуникација. Се работи за вообичаена комуникација со цел да се комплетира еден судски предмет односно да се достави она што во предметот недостига. Јас и сега имав комуникација со еден од министрите од сегашната влада токму во таа насока. Јас се грижам предметите колку што можат побрзо да бидат завршени.

Врховниот суд ги ослободи од притвор обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското Езеро?

Секоја одлука на Врховниот суд е одлука која мора да биде почитувана. Во образложението на одлуката се наведени причините поради кои Врховниот суд одлучил така. Ова е еден од предметите во кои е уважена жалба на обвинет, има многу други предмети во кои е уважена жалбата на обвинетиот и пониските судови мора да постапуваат по напатствијата на Врховниот суд.

Што ако обвинетите избегаат?

Околу тоа не би можел да кажам, но мерка притвор која трае со години е нешто што не смееме да си го дозволиме. Врховниот суд во тој случај оцени дека одлуката треба да биде таква. Одлуката ја носи совет од петмина судии и советот донесе таква одлука.
Велите дека одлуките на судиите се носат во името на граѓаните. Како после објавувањето на „бомбите“ во кои се споменуваа тефтерчиња од кои се избираат судии граѓаните да веруваат дека судиите ги носат одлуките во името на граѓаните?
Основен проблем на влијание и пресија на сите извршни власти, не зборувам за оваа, за претходните, е начинот на кој извршната власт го контролира судството преку финансирањето. Во Врховниот суд имаме состојба кога една четвртина судии не се избрани. Работиме со три четвртини од капацитетот. Не е тоа првпат, имало и порано такви случаи. Сега на крајот на годината, во извештајот најверојатно ќе се констатира дека Врховниот суд не го совладал приливот на предмети. Тоа е поради недостатокот на судии. Тоа зависи од извршната власт односно од финансирањето. Изборот на судии го врши Судскиот совет и по правило тоа би требало да се врши на начин како што е превидено со закон, со оценување на судиите, според редоследот и бројот на бодови кои ги имале при изборот. Јас најодговорно ви тврдам дека имав најголем број поени од сите останати противкандидати.

Зошто судиите се секогаш подложни на притисок?

Имаше една анализа направена според анонимна анкета меѓу судиите, која ја финансираше ОБСЕ и беше многу објективна. Во неа судиите си ги кажуваат причините зошто некогаш не се чувствуваат слободни при носењето на судските одлуки. Јас сериозно работам наесен повторно да се организира една слична анонимна анкета и веруваме дека резултатите ќе ни дадат многу добри податоци од каде и во која мера судиите чувствуваат притисоци. Таа анкета покажа дека имало одредени притисоци од определени претседатели на судови, тоа не се однесуваше за Врховниот суд, и од одредени личности од Судскиот совет, а делумно и од извршната власт. Воопшто не е точно дека е општа појава судиите да не можат да се справат со притисоци. Не велам дека нема.

Не одговоривте за тефтерчињата, за изборот на судии по мерка на власта, за нарачките на пресудите.

Тоа е нешто за кое се водат судски постапки против определени лица. Не можам јас како судија кој потенцијално ќе одлучува за истите тие предмети да дадам какво било мислење за тоа. Тоа би значело дека јас морам да се изземам како судија од истиот тој предмет кога ќе стигне тука.

Дали вие лично сте имале притисок од минатата или од сегашната власт?

Притисок за конкретен предмет не сум имал, не сум оставил можност да ми биде извршен притисок. Јас сум имал контакти и со сегашни и со тогашни министри, во комуникацијата не оставам можност да има пресија и затоа не ми се врши пресија. За другите судии не ја исклучувам можноста, но кога станува збор за врховниот суд би рекол дека и од непосредни разговори со судиите и од судските одлуки кои ги носиме, а особено одлуките во кривичните постапки немало. Не велам дека немало обиди за притисоци, но нема одлука донесена под притисок.

Фросина Факова – Серафиновиќ