Интервју со Филип Петровски: Груевски ги нема тргнато рацете од ВМРО

Движењето „Македонија блокира“ како лесно да се помири со промената на уставното име. Дали е тоа поради немоќ, малиот број граѓани што се одѕиваа на протестите, притисоците од власта или поради тоа што опозицијата активно не се вклучи во протестите?

-Не сме се помириле. Ни под разно. Имавме огромен број активности. Бевме кај речиси сите пратеници кои на „чудесен“ начин пребегнаа од ДПМНЕ и со тоа „случајно“ ја создадоа бројката потребна за две третини и за промена на Уставот на Република Македонија. Бевме по патишта, по раскрсници, пред парламентот… Секаде се соочивме со брутална полициска сила, со закани, со насилие од државата врз поединецот. Сè со цел да се демотивираат луѓето да не протестираат и што полесно да помине геноцидот врз државата и врз мојот народ, македонскиот народ. Од друга страна, цело време бевме опструирани од Мицкоски, кој на Хан во Хелсинки му вети дека нема да го попречува процесот на промената на името, што со друго име се вика „Преспански договор“. Откај овој човек доаѓаа спинови, се ширеа дезинформации и се правеше сè да се демотивира членството да протестира.

Дали меѓу поистурените на протестите имаше и такви кои имаа поинакви амбиции од изразување револт и несогласување со договорот од Преспа, односно агенти и провокатори, како што обвинуваше дел од опозицијата? Дали тоа беше причината што ВМРО-ДПМНЕ, на пример, беше повнимателна или опозицијата играше свои игри?

-Не знам на какви агенти мислите. Мицкоски, кој е само на хартија опозиција, праќаше свои луѓе, една група насилници кои бараа начин да предизвикаат конфликт помеѓу сите нас кои деноноќно протестиравме. Тоа се истите луѓе кои и на 18 ноември се обидоа да предизвикаат инцидент. Ако не сум доволно прецизен, ќе кажам уште појасно, бидејќи јавноста има право да ја знае вистината. Имавме доволно време за да се подготвиме и спротивставиме на промената на името. Но, на ДПМНЕ му е забрането да дејствува, да се спротивставува. Ова го доведувам во директна корелација со наместениот конгрес во Валандово, кога всушност е поставена марионета во пресрет на двојазичноста и промената на името. Бришењето на АСНОМ и вметнувањето на Рамковниот договор ни дојдоа како бонус. Инаку, првите две ги дискутирав со Груевски, пред самиот конгрес и тој и јас знаевме дека во 2018 година Македонија ќе се соочи со смртни предизвици. Меѓутоа, тој сметаше дека со изборот на марионетата ќе си ја олесни работата за себе, за кривичните прогони и дека странскиот фактор ќе си стои на тој договор. Само 13 месеци подоцна, партијата е во смртна агонија, а Груевски е политички азилант во Унгарија.

Кои ќе бидат Вашите следни активности? Ќе ја прифатите реалноста или имате план Б? Кои беа алтернативите на Македонија доколку пропаднеше договорот со Грција и со тоа останевме надвор од евроатлантските порти?

-Не е ова реалност, ова е насилие врз Македонија и Македонците. И се разбира дека нема да ги прифатиме. Никогаш. Ќе започнеме политичка акција против ова што сега се случи. Иницијативата „Македонија блокира“ веќе се согласи дека ќе бара политичка поддршка од нашиот народ, за да го вратиме уставното име назад, да ја укинеме вештачката двојазичност и да ги доведеме работите на прав пат. Со Грција мораше и можеше да се договара на поинаков начин. Без дигање на бело знаме. Ние, всушност, во Нивице не потпишавме договор, туку капитулација. Дури и нив ги изненадивме со кооперативноста и сервилноста. Ќе потсетам дека Жбогар сега веќе и јавно си кажува дека ова ми ти било само еден предуслов, ами сега ќе доаѓале и други услови за Македонија на патот кон ЕУ. Никој жив не знае кога и како ние ќе бидеме дел од таа унија. Ако вие знаете некој, би сакал да ми го посочите да се консултирам со него.

 

Дали е точно дека ќе имате свој кандидат за претседателските избори? На колку гласови се надевате и сметате ли дека за вас ќе гласаат и симпатизерите и членовите на опозицијата, кои се незадоволни што не се случи пожесток отпор кон преспанскиот договор?

– Околу кандидат за изборите сè уште разговараме. Има некои интересни идеи. Но, рано е за детали. Ние сме единствената организирана структура која целосно, безрезервно и патриотски се спротивстави на оваа голгота. Македонскиот народ ова го поддржува силно и имаме голем број симпатизери кои се на наша страна. Тивкото мнозинство ќе им ја испорача фактурата на корумпираните политички елити кои сега го сочинуваат парламентот.

Вие се прокламирате како фракционер на ВМРО-ДПМНЕ. Каков е Вашиот денешен статус, одите ли во седиштето на партијата, разговарате ли со претседателот Христијан Мицкоски и со раководството?

-Да, јас сум неистомисленик на Мицкоски и сум поборник за демократизација на партијата. Имитирањето на стилот на Груевски од марионетата поставена со негов амин ја разградува партијата со забрзано темпо. Се доведовме до состојба да не може да се соберат 2.000 луѓе на протест и емисарите на Мицкоски да доаѓаат да замолат да ги примиме да протестираат, односно да не му се свири на „лидерот“. Никогаш не сум ја видел партијата во последните 25 години на вакво дереџе, отуѓена од народот и од членството. Затворена во „кулите на белата палата“ од каде што се служат со манипулации, пропаганда, ширење лажни вести… Изолиран и осамен е Мицкоски. Еве, ќе ви откријам дека дента кога дојде пред парламентот на 10 јануари, со себе имаше само 12 пратеници. Другите сосема не го фермаат. Ниту му придаваат значење.

Од друга страна, самиот тој, наместо да ги прибира луѓето и да покаже големина, покажува ексклузивност. Се опкружи со сомнителни ликови, со соработници на ДБК, со луѓе на Миле Јанакиески, кои вршеа богами многу сомнителни работи додека сме биле на власт. Партијата сега ја сметаат за своја лична сопственост, го глумат Груевски. За жал.

Токму поради тоа, 90 проценти од членството одбива да се ажурира и не се појавува на никаква активност. Не се отповикува на нападните пораки, кои се испраќаат речиси секој ден. Ажурирањето, кое требаше да му даде сила на Мицкоски, сега се претвора во негова агонија и не му дава мир и сон. Токму затоа е продолжен рокот за ажурирање и повторно никој не реагира. Но, зачудува фактот што не ја разбираат пораката на членството кое на овој начин става до знаење дека партијата не оди во добра насока и дека не прифаќа деспотизам по ниту еден услов. И наместо ова да биде повик за освестување, тие уште повеќе се засилуваат и градат лажен авторитет и оптимизам.

Мицкоски повеќе би се гледал со Заев и со Црвенковски отколку со мене. Поради тоа сметам дека е добро да го оставам на неговите идоли. Елитизмот и заткулисното водење политика не ми се блиски и немам намера на таков начин да дејствувам. И се разбира, останувам фракционер и ги повикувам сите вмровци да ми се придружат. Голема и напорна борба за Македонија нè чека.

Меѓу десничарските кругови знаат да Ви забележат дека повеќе време трошите на пресметка со актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, алудирајќи на Вашите поранешни амбиции да бидете претседател на партијата, отколку со власта и природните политички неистомисленици?

-Тоа се спинови на Мицкоски. А што да кажам за Заев? Може да кажам нешто ново? Па против Заев и „шарените“ кога се борев, Мицковци правеле хидроцентрали. Дајте да видиме како и колку се бореа тие за ВМРО и против структурите што нè напаѓаа од сите страни неколку години. Каде беа? Најголем дел од луѓето на Мицкоски и самиот тој во тој период немаа ниту еден настап, статус, дуел против Заев и „шарените“. Немаат право да ме обвинуваат дека не сум го спомнувал Заев. Но, да потсетам, лани летово се зборуваше дека без ВМРО нема промена на името. Оти во декември 2016 ние освоивме 51 пратеник. А Заев со сите Албанци имаше 69 пратеници. И како во меѓувреме дојдовме до 81? Јас ли ги поставив пратениците на листите? Кој ги постави Нола, Бети, Крсто, Сашо? Во таа игра беше Мицкоски, тој беше до Груевски и како советник и како член на партиското раководство. Јас по 2002 година не сум бил поставен никогаш ниту за член на општински комитет. Тоа си беше тактика на Груевски, но за тоа во друга прилика.

Да се вратам на темата, познати ми се овие муабети. Знам од каде потекнуваат. И ќе ја искористам оваа прилика да им порачам дека наместо да спинуваат, требаше да бидат со народот на барикадите. Да мрзнат со нас. Да обединуваат, а не да разединуваат. Цехот за плаќање, „другари“, допрва ќе ви дојде.

Во минатото обвинувавте дека зад доаѓањето на Христијан Мицкоски на чело на ВМРО-ДПМНЕ стои двоецот Никола Груевски – Сашо Мијалков. Едниот е во Будимпешта, другиот е исклучен од партијата. Сметате ли дека станува збор за однапред смислено сценарио и игра, тие двајца или барем еден од нив и натаму да влијае врз политиките на ВМРО-ДПМНЕ? 

-Изворно знам дека токму Никола и Сашо го поставија Мицкоски за претседател. Ниту делегатите, ниту членството. Па, тој за членството беше сосема непознат сè до наседнувањето. Е, сега дали подоцна се скараа „божемски“ или реална е кавгата, времето ќе покаже. Но, секако дека е сомнително. Одеднаш Заев си ги доби гласовите на „нашите“ пратеници, а за тоа не е виновен Мицкоски, оти Сашо бил виновен. Одеднаш Мицкоски е „чист“ оти Груевски криминалецот избегал.

Ми се чини дека Мицкоски прави напор да создаде имиџ дека е чист и дека не е поврзан со дејствијата што се инкриминирани преку СЈО. Но, тоа е невозможно. Негови најблиски соработници се со обвиненија. Еден од нив му е и бизнис-партнер во хидроцентралите. И е составен дел на „кичен кабинет“, оној тесен круг луѓе околу него со кои партијата ја води како ДООЕЛ.

Инаку, сметам дека Груевски и од Будимпешта влијае многу врз Мицкоски. Луѓето што беа видени таму се активисти на Мицкоски. Се зборува дека тој е во катадневна комуникација со некои луѓе од „белата палата“ и дека им дава сугестии како да ја тераат работата.

Ама, за жал, помина времето кога можеа да се користат оските на моќта како алатка за контрола на луѓето. Сè излегува на површина. И не е убава содржината на тоа што испливува. Наместо партијата да се соочи со грдата реалност дека не сме на власт и дека треба темелни реформи, ние имаме масовна самохипноза на тесниот круг клиенти околу тронот кои сè уште мантраат дека само што не сме дошле на власт. Не се свртеле да видат дека сè помалку луѓе вдишуваат од тој опиум.

Следуваат претседателските избори каде што и власта и опозицијата тврдат дека сигурно ќе победат. Може ли да прогнозирате каков ќе биде епилогот на 5 мај? Дали во случај на пораз на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, повторно ќе се разгорат внатрепартиските страсти и ќе се побара одговорност од Мицкоски?

-Мицкоски сигурно ќе ги загуби изборите. Можно е и во прв круг. Бројките, за жал, не се во негова полза. За жал, и за сите нас, Заев имаше можност да си ја тестира поддршката на 30 септември. И иако бројките не беа доволни за успех на референдумот, беа показател колкава поддршка имаат антимакедонските сили на гласање. И собраа 600.000 гласови. Што со идеологија, што со сила. Меѓутоа, собраа опасна бројка на гласови. Опасна и погубна за ДПМНЕ. И неслучајно Заев зборува за консензуален кандидат. Сака да ги реши изборите во прв круг. А тоа на тој начин е можно. Од друга страна, Мицкоски поим нема кого да постави. Никој не се нафаќа, зборувам за сериозните имиња. Но, Мицкоски знае дека тоа ќе му биде последен пораз. Од повеќе фракциски магистрали му порачаа дека по поразот на претседателските избори, треба да си ги пакува куферите. Затоа мислам дека ќе побрза да ги смени делегатите, за да се обиде да се заштити по секоја цена. Тоа ќе доведе до нови судири. Партијата ќе ја однесе на пат на уште поголема изолација и отуѓеност од членовите. Не му предвидувам многу радости во месециве што доаѓаат.

Меѓу претендентите за неговото место, односно како притаени ловци што чекаат погрешен чекор на пленот, се споменуваат Никола Попоски и Никола Тодоров. Се гледате ли и Вие во ова друштво?

-Мене не ми е битно да сум претседател на ВМРО, туку да имаме здрава и јака, демократска и македонска партија. Партија што членовите ќе ја сакаат и ќе ѝ ја даваат својата доверба. Повеќепати сум кажал дека историски и модерно ВМРО има обврска да ги штити македонските национални интереси. Ние немаме обврска да сме на власт. Ние мора да сме со народот. Во добро и лошо. Често слушам ќе нè изолирале странците ако сме биле радикални и затоа нашиве молчеле. Погрешно. Ќе нè сотрат ако видат дека го нема членството. А сега веќе го нема. Напротив, ако видоа дека ВМРО повлекува 50.000 луѓе пред парламент наспроти сите закани, ќе ги преиспитаа своите позиции. Едноставно ќе ги принудевме да ги слушнат нашите ставови. За жал, Мицкоски нема ставови. Тој се води според дневнополитичките потреби и затоа е склон на менување позиции во 5 до 12 како онаа на 30 септември дека нема да гласа, ама откако виде дека ќе пропадне референдумот. Не можам да разберам како не знае дека народот не пие нафта, нè гледа под лупа, нè држи на нишан и во нас бара искреност и пожртвуваност. ВМРО не е привилегија и голема канцеларија, ВМРО е обврска, жртва и често голгота. Ама подобро ние да ја поминевме голготата отколку целиот наш народ.

 

Со двојазичноста се отуѓуваат луѓето

 

Само три дена по прифаќањето на договорот за името, беше објавен Законот за јазици. Каков е Вашиот став по ова прашање и дали власта можеше да почека да се смират страстите, па дури и да ги почека претседателските избори? И на крајот, зошто граѓаните повеќе се вжештија за двојазичноста отколку за промената на името на државата?

-Талат знае дека Заев е слаб без нивната поддршка. Истовремено, сметам дека беа договорени наедно да протераат сè на куп. Останувам на ставот дека во Македонија не треба да има ваков закон. Се губи и последната нишка на интеграција и се отуѓуваат луѓето сè повеќе. Со овој закон се вкоренува нов конфликт во ова наше кревко општество и тој допрва ќе стане извор на проблеми и фрустрации на нашата страна. За жал, зборувам за страни затоа што од другата страна има луѓе што сметаат дека ова е територија што им припаѓа, да ја делат и парчат како што сакаат. Неслучајно нема попис. Овде нема ни 18 проценти Албанци, а дивеат поради фелерот во парламентот и слабоста на македонските политички елити кои не се на нивото на задачата. Дозволете сега јас да прашам, што е следно во уништувањето на Македонија?

 

Горан Адамовски