Интервју со Мирко Попов: Не сум играч со ситни и коруптивни амбиции

Верувам дека музиката е главниот фактор за одржување на духот и битот на овој народ, од праискона, па сѐ до денеска кога имаме историска можност самите себе политички да се менаџираме во сопствена држава. За жал, свеста за генетската релевантност на музиката за Македонецот (најшироко сфатено) не е ниту на приближно ниво од она што е потребно за да можеме да поентираме на неа, како една од нашите најсилни карактеристики, вели музичарот Мирко Попов.

Тој е повеќе од 20 години на музичката сцена во земјава, а токму годинава одбележува две децении со неговата дискографска куќа „ПМГ рекордингс“.
Попов е еден од ретките кој е постојано активен во сферата на музиката, и тоа од различни аспекти. Многумина го знаат како диџеј и како вокалист на бендот „ПМГ колектив“, други го слушаат преку „Канал 103“, трети го читаат како рецензент на музички албуми… Преку сите овие негови активности несебично ја споделува со јавноста целата убавина од музиката, а во исто време се бори таа да биде правично оценета.

Поводи за разговор со вас секогаш има бидејќи сте еден од најактивните кога станува збор за создавање модерна македонска музика и за промовирање на истата. Овој пат разговорот ќе го започнам со јубилејот што годинава „ПМГ рекордингс“ го слави. 20 години промовирање, создавање музика. Се чувствувате ли задоволен од она што досега го имате сработено?

-На мојата манична активност, всушност продуктивност, гледам како на нормална состојба на кој било возрасен, а особено креативен човек, во оваа чудесија наречена живот. Покрај задоволувачката продуктивност, таа жестока активност не ми остава многу време да се занимавам со несериозноста и дегутантните глупости кои секојдневно ги продуцира македонската вертикала, почнувајќи од болната глава, па надолу, сѐ до трулото дно на општеството. Значаен дел од таа моја активност отпаѓа на работата – слободно можам да кажам – водечката независна (или каква било) дискографска куќа во земјава, а тоа е „ПМГ рекордингс“. Во овие 20 години, колку што постои нашиот лејбл, успеавме да издадеме над 150 изданија на современа македонска музика и тука засега немаме конкуренција. Огромно задоволство е дека овој квантитет е проследен со неверојатен квалитет и музичко шаренило, од современа електронска, рок и „независна“ музика, преку џез и сѐ до модерна класика. За нас издаваа/т некои од највпечатливите домашни бендови; покренавме цели движења, како на пример новиот бран во минатата деценија; предизвикавме неколку локални музички револуции; буквално ја променивме издавачката мапа во земјата и поставивме параметри за однос кон сопственото, пред сѐ современо, културно богатство. Звучи нескромно, но Македонија е големо необработено поле и ако има човек визија, енергија и љубов, не е проблем да се постигнат историски резултати. Сигурен сум дека можевме и подобро, но комплетно сум задоволен од сето постигнатото. Го живеам својот сон.

Идејата и постоењето на „ПМГ рекордингс“ е да се официјализира и архивира музиката од нашето време. Имам впечаток дека генерално недоволно добро ја чуваме македонската музика. Како е вашиот став по ова прашање? 

-Цврсто верувам дека токму музиката е главниот фактор за одржување на духот и битот на овој народ, од праискона па сѐ до денеска кога имаме историска можност самите себе политички да се менаџираме во сопствена држава. За жал, свеста за генетската релевантност на музиката за Македонецот (најшироко сфатено) не е ниту на приближно ниво од она што е потребно за да можеме да поентираме на неа, како една од нашите најсилни карактеристики. Напротив, отсуството на визија и концепт се наши главни карактеристики, како по прашање за државата, така и по прашање на културата и музиката.

Многумина вашето име го препознаваат по диџејството, по настапите на „ПМГ колектив“, по соработките со останатите музичари од андерграунд-сцената во Македонија. Во кој дел се чувствувате најкомотен? 

-Имам навистина голем број „улоги“, што освен задоволство и слобода во разноликоста, ми носат и повремени главоболки. На моменти претерувам во таа раштрканост наоколу, но освен желбата да се стигне секаде, постои и борбата за опстанок, која е немилосрдна доколку планирате да го задржите музичкиот интегритет во македонски услови. Најкомотно се чувствувам кога сум во студио со мојот партнер Синиша Евтимов и заедно „правиме музика“. Во последниве години чувствувам и огромно задоволство од моите возрасни, слоевити, професионални диџеј-сетови.

Невозможно е да ве позиционираме во еден стил на музика и тоа е одлично. Но, еве, во што лично уживате најмногу да слушате во последниов период? 

-Зад себе имам неверојатно богата и згусната слушачка историја. Не се сметам себеси за некој природно талентиран музичар, всушност, сѐ што знам потекнува од моето животно, студиозно преслушување на најразлични типови музика. Музиката за мене го претставува совршенството на универзумот и бескрајно моќно орудие за спасување животи и градење светови. Во последниве две децении сѐ подлабоко загазувам во креирање на некоја „моја“, па тоа резултира со сѐ помалку време за слушање „туѓа“ музика. Ете, на пример, првите шест месеци од минатата 2017 година, додека работев на последниот албум „ПМГ колектив Скопје“, не стигнав воопшто да слушам ништо друго. Сепак, напливот на предизвик и инспирација од делата на другите музичари се незаменлив дел од моето секојдневие. Секогаш можам да слушам гении од типот на Рекс Илузиви (Митар Суботиќ, Суба) или нашиот Аклександар Пејовски, на пример. Британците од „Вранглер“ ме освоија последниве години, а редовно се информирам и за најновата електронска музичка продукција. Најдобар албум за 2017 година ми беше „Американски сон“ на „ЛЦД саундсистем“, а вдолж мојата континуирана мисија да бидам на пулсот на современата македонска музика, внимателно ги преслушувам речиси сите домашни изданија.

Со песните на „ПМГ колектив“ се идентификуваат повеќе генерации. Како го дефинирате тој состав од денешна перспектива?

-Бендот „ПМГ колектив“ срасна со својата потреба да биде саундтрак на современо Скопје. Сонот, потребата, но и нашата грозничава активност да се живее и ужива во еден комплетно светски град, а тоа да биде токму Скопје, резултира со еден куп музика. Се работи буквално за опсесија со подобрата верзија на градот, но и нас, неговите луѓе. Поетска проекција со холивудски примеси, за пософистициран живот, кој дефинитивно имаме потенцијал да си го организираме за себе, доколку сме подготвени да водиме континуирана борба за убавина. Оттаму, сметам и дека не е случајно што многумина се идентификуваат со нашите песни и визии. Тоа ме исполнува со суштинско задоволство.

Преку текстовите често ги детектирате и аномалиите на општеството. Што во моментов ви е најинспиративно/провокативно за да напишете песна? 

-Детектирајќи ги аномалиите, регистрираме што не ни се допаѓа, а тоа лежи во самата основа на манифестот на она што ни/ми се допаѓа. Никогаш не сум сакал да се задржам на критизерство и поплаки, па мислам дека низ годините успеав да ја развијам својата лирика кон квалитетите и визиите кои ги имаме, или би требало да ги имаме за да оствариме живот, низ кој можеме слободно да се движиме со дигната глава и елегантна става.

Кој е најдобриот и најефикасен начин за финансиски да се помогнат музичарите во земјава, особено независната сцена?

-Да функционираат законите и институциите, да се создадат услови за реализација на музичките визии, наместо коруптивната селективност која владее, образованост и информираност на кадрите во Министерството за култура, од каде би морала да потекне визија и концепт за развој на македонската музика. Македонската радио-телевизија да си ја работи својата работа според законите, а со тоа да ги доведе останатите медиуми во позиција во која нема да имаат избор освен да ја вреднуваат домашната креатива… Би можел да набројувам во недоглед. Ќе кажам само дека во моментов не гледам ниту политичка волја ниту капацитет за што било од ова.

Како ја оценувате во моментов клупската сцена во Македонија?

-Најсиромашната земја во Европа, при отсуство на вистински музички пазар и критериуми, вдолж лошата организираност по сите параметри, сепак може да се пофали со прилично солидна клупска сцена. Тоа е резултат на неверојатната љубов, ентузијазам и несебично залагање на одреден број луѓе кои го чинат променливото јадро на оваа заедница. Главна позитивна карактеристика е повеќе од две деценискиот континуитет и добар квалитет, што ја издига оваа сцена на ниво на највиталните кај нас.

Што ќе бевте во животот ако не бевте музичар?

-Стрип-цртач. Пилот на ловец пресретнувач.

Ако тргне човек да ве опише или дефинира, ќе му бидат потребни минимум десетина збора како музичар, диџеј, промотор, рецензент, пејач, партнер, татко, другар, колега… Која од овие именки ви одзема и ви дава најмногу енергија?

-Трикот е дека сите овие нешта ги правам со големо задоволство и се чувствувам привилегиран што имам можност да бидам сето тоа. Друга работа е уште и тоа што сите овие нешта во исто време одземаат и даваат енергија, а балансот помеѓу тие полнења и празнења ја отсликува мојата култура на живеење. Без разлика дали во моментот сум расположен или не, високо сум свесен дека земањето и давањето е дел од еден ист процес. Ми се допаѓа тоа. Ми се допаѓа сѐ што правам, па дури и она што не ми се допаѓа. Патот е добар и треба да се изоди.

За крај, ако еден ден застанеш повикан на сцена и добиеш награда „Греми“, кој ќе биде твојот говор?

-Би можел да смислам што било, пред сѐ во зависност од моменталното расположение кога ќе ја примам наградата. Би сакал „Греми“, ма би сакал и награда „13 Ноември“. Ништо не одбивам. Сепак, врз база на досегашното искуство, сметам дека општеството нема да побрза да ме награди или да ми даде какво било признание. Не сум играч со ситни и коруптивни амбиции и се обидувам да бидам подготвен за какво било, па и најлошо сценарио. Силно чувствувам дека вршам добра работа и за себе и за другите, па ако стигне признание супер, ако не, повторно супер. Знаеш, она: може и без виножита за мене (се смее).

Ивана Настеска
Фото: Борис Грданоски