Иванов ќе се обрати пред новото мнозинство на 26 декември

На 26 декември (вторник), претседателот Ѓорге Иванов ќе го реализира своето прво обраќање пред новиот парламентарен состав, кој беше конституиран на крајот на 2016 година.

Ова ќе биде девето редовно обраќање на Иванов пред парламентот откако е избран на функцијата, а четврто во неговиот втор мандат. Сепак, ова е прво обраќање на шефот на државата во ситуација кога парламентарното мнозинство е предводено од СДСМ – како владејачка партија со која тој е сега во кохабитација.

Претходните четири години, пратеничките групи на СДСМ и на ДУИ не присуствуваа на обраќањата на Иванов, затоа што не го признаваа неговиот легитимитет откако по вторпат беше избран на функцијата. Овој пат, пак, прашање е дали ВМРО-ДПМНЕ, чиј кандидат за претседател беше Иванов, ќе се врати во парламентот до 26 декември, со оглед на тивкиот бојкот на сега опозициската партија, која престојниот викенд ќе избира нов лидер.

Минатата година, Иванов се обрати од неговата резиденција на Водно, поради тоа што претходниот парламентарен состав беше распуштен, а новиот парламент не беше конституиран се уште.

Според Уставот, шефот на државата има обврска најмалку еднаш годишно да се обрати пред Собранието за да реферира за прашања од негова надлежност.