Иванов – Сијарто: Унгарија дава силна поддршка за Македонија кон ЕУ

Унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто на денешната средба со претседателот Ѓорге Иванов ја нагласи неопходноста од динамизирање на евроатлантските процеси на Република Македонија и ја повтори силната поддршка на Унгарија за земјава да го добие заслуженото место во НАТО и да ги почне пристапните преговори со ЕУ час поскоро.

Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, изрази благодарност за цврстата и континуирана поддршка што ја добива Македонија од Унгарија за нашите евроатлантски интеграции.

– Залагањето, соработката и солидарноста која Унгарија ја рефлектира во однос нашите аспирации во НАТО и во ЕУ, е пример како треба да изгледа односот на земјите – членки кон земјите – кандидати. Унгарија е една од најзначајните партнери и пријатели на Република Македонија и тој однос треба да се негува и да продолжи во иднина, истакна претседателот Иванов.

Тој ја истакна и конструктивната улога што ја има Унгарија во менаџирањето на бегалската и мигрантската криза преку нејзината соработка и помош во полициски сили и опрема.