Иванов ноќеска ги викнал Заев и Груевски

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, ноќеста во неговиот кабинет одржал средба со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев.

Кабинетот на Иванов соопшти дека тема на средбата биле актуелните случувања и можните решенија за „излез од состојбата на напнатост во државата што предизвикува загриженост кај граѓаните“.

-Целта на средбата беше да се поттикне помирување и нормализирање на политичките процеси во Република Македонија. Присутните на средбата се согласија разговорите да продолжат и во иднина – стои во соопштението.

Средбата се одржа откако полицијата вчера приведе 36 лица за насилството во Собранието од 27 април. Меѓу нив има и актуелни пратеници. Сите се товарат за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата.