Зошто нема национален координатор за антикорупција

Расте бројот на советници што се ангажирани да работат за претседателот на Владата, Зоран Заев. Ги има 60-ина. На „Илинденска“ работат и 10-ина национални координатори за различни области. Последен во низата национални координатори е Стојанче Ангелов, поранешниот полициски генерал и лидер на партијата Достоинство. Владата за оваа функција го именуваше на последната седница која се одржа во вторникот, а негова работа ќе биде насочена за прашања поврзани со здружението на бранители. Освен за оваа функција, од пред две недели Ангелов е ангажиран и како советник за воздухопловна техника во М-НАВ, со почетна плата од 41.000 денари.

За национален координатор за трансплантација на претпоследната владина седница беше назначена и д-р Маја Мојсова Мијовска, актуелна директорка на КАРИЛ. Национален координатор за здравство стана и д-р Гоце Чакаровски, кој беше заменик-министер за здравство, а за култура Роберт Алаѓозовски, откако беше сменет од функцијата министер за култура.

Во јавноста се крена голема прашина околу бројот на советници и координатори и за висината на нивните плати. Околу овие прашања неодамна владиниот портпарол Миле Бошњаковски рече дека оваа функција постои и не е нова, а Владата има право да именува такви функционери во сите области во кои работи.

„Националниот координатор како функција постои. Тоа е дел од можностите што ги има Владата да назначува функционери, во конкретниот случај национален координатор во областа на културата и национален координатор во областа на здравството. Тоа мора да се донесе со одлука на Влада, не се работи за нови функции, а Владата има можност да назначи национални координатори за различни аспекти од нејзиното работење, вклучувајќи ги и различните области кои ги извршуваат ресорните министерства“, рече Бошњаковски.

Претседателката на „Транспарентност – нулта корупција“, Слаѓана Тасева, за ангажирањето советници и национални координатори од страна на Владата вели дека треба да се искористат компетентните и квалитетните кадри кои ќе можат да дадат совети за тоа како да се водат процесите понатаму.

„Тоа треба да биде засновано на оцена на компетенција, на знаење, да биде многу оправдано, не треба да се смета по бројност, дека некој има многу советници, потребни се квалитетни советници и координатори. Вака, сето тоа ја изгуби својата суштина, стана начин на вработување или како што велат ‘вдомување’ лица на кои нешто им се должи. Треба точно да се дефинира кој може да биде советник и за што, затоа што тој советник треба да има и можност да работи со институциите. Има и национални координатори и неколку заменици на национални координатори. Ако имаме потреба да се советуваме за големите работи што ни тежат како големи проблеми зошто немаме национален координатор за антикорупција, кога немаме комисија. Има ли Владата потреба од советник или можеби од цел совет од таа област? Тоа е најголемиот проблем. Имам впечаток дека Владата работи од денес за утре, дека не се осмислени сите потези што ги презема. Таков комодитет немаме, не можеме да си го дозволиме таквото неорганизирано однесување“, вели Тасева.

Кон крајот на минатата година од парламентот замина Стево Пендаровски да биде национален координатор за НАТО. Тој пред еден месец во изјава за „Независен весник“ рече дека пратеничката функција има своја тежина, значење и одговорност, ама дека тој заминал за координатор за НАТО затоа што сакал да даде придонесе во областа во која работел сите изминати години.

Инаку, првите двајца национални координатори Владата ги назначи уште лани во август. Професорот Владимир Пивоваров беше именуван за координатор за гранично управување. Борче Петревски стана координатор за спречување насилен екстремизам и за борба против тероризам. Станува збор за слична област за која беше именуван и советник на премиерот, Џезаир Шаќири-Хоџа, кој се повлече од функцијата по лавината реакции во јавноста.

Владата именуваше и заменици координатори, како Бајрам Берат за гранично управување, Џеладин Ајвази за спречување насилен екстремизам и Златко Апостолски за борба против тероризам.

Претседателот на вонпарламентарната Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, беше именуван за советник за привлекување странски инвестиции, и покрај тоа што во владиниот кабинет има неколку министри без ресор што ја третираат оваа област.

Вероника Мароска-Леова