Зоран Заев: Импичмент за Иванов, ако се мора!

Парламентарното мнозинство ќе побара импичмент за претседателот Ѓорге Иванов ако не го потпише договорот со Грција откако граѓаните на референдумот би се изјасниле позитивно, најави синоќа премиерот Зоран Заев, во емисијата „Само вистина“ на телевизијата Канал 5.

-Има желба за окрупнување на парламентарното мнозинство и тоа ќе го направиме исклучиво за импичмент на претседателот, ако мораме. Граѓаните се тие што ќе решат дали сакаат промена на името, но ако на референдумот договорот се прифати, никој нема право да го попречува нивното мислење – рече Заев.

Тој за првпат откри детали дека претходниот премиер Груевски прифатил Република Горна Македонија и Република Северна Македонија и рече дека не треба сега некој да ја залажува јавноста. Премиерот говореше во детали за тоа што значи договорот и повика сите граѓани внимателно да го прочитаат и да ја донесат правилната одлука.